Дневник, 07.08.2010

 

Авионските летови кон Москва вчера се пренасочени поради чадот од шумските пожари кои се’ уште беснеаат во регионите околу руската престолнина, каде што живеат над 10 милиони луѓе.

Нивото на загаденост на воздухот е патпати повисоко од дозволеното, што е досега највисоко регистрирано ниво во Русија, која од минатиот месец се бори со огнените стихии предизвикани од топлотниот бран.- Ова е најголема регистрирана загаденост на воздухот досега – вели метеорологот Алексеј Попиков, кој додаде оти вчера температурата изнесувала речиси 40 Целзиусови степени.

Портпаролот на аеродромот Домдедово изјави дека 15 авиони се пренасочени кон други аеродроми, кои се наоѓаат во побезбедни локации. Според руските цивилни воздухопловни власти, вчера биле пренасочени вкупно 60 патнички авиони, од кои дел морале да летаат и до аеродромите во Украина.Домашните медиуми јавуваат дека во московскиот регион тешко се одвива и копнениот сообраќај, бидејќи од чадот значително е намалена видливоста.

– Можам да го намирисам чадот од мојата канцеларија – тврди чиновник во банка, кој додаде оти сите вработени добиле наредба на работа да носат маски.Негов колега, пак, вели дека раководството на банката во која работи на сите им дало слободен ден.- Условите се ужасни. Имам силни главоболки, а надвор не се дише – се жали поштар.Шумските пожари во околината на Москва, кои досега убија најмалку 50 луѓе и уништија илјадници куќи во селата, вчера беа сведени на 600 жаришта, а во нивното гаснење учествуваат повеќе од 150.000 пожарникари, војници и доброволци. #