Дневник, 12.08.2010

 

Русија поставила модерен противвоздушен систем „с-300“ во регионот Абхазија, кој прогласи независност од Грузија по војната пред две години, јави Ројтерс.Генералот Александар Зелин, командант на руското воено воздухопловство, изјави дека системот би требало да ја заштити Абхазија од евентуални напади од непријателски авиони и додаде дека слични системи се поставени во Јужна Осетија, другиот проруски бунтовнички регион што прогласи независност од Грузија.

Абхазија и Јужна Осетија официјално се дел од Грузија и само Русија и уште неколку земји ги признаваат како независни држави.- Задачата на овие системи не е само да се покријат териториите на Абхазија и на Јужна Осетија, туку и да се спречат нарушувања на нивните државни воздушни граници и да се уништат сите летала што нелегално навлегуваат во тој простор, без оглед на целта на мисијата – изјави Зелин.

Грузија веднаш реагираше и ја обвини Москва дека со овој потег „ја засилува својата улога како окупатор“.- Ова покажува не само дека Русија нема намера да ги повлече своите трупи од Абхазија и од Јужна Осетија туку дека всушност ја зголемува својата воена контрола врз овие територии – изјави Ека Ткешелашвили, секретар на грузискиот Совет за национална безбедност. #