МИА, 18.08.2010

 

Лондон, 17 август 2010 (МИА) – Штрајкот на аеродромските работници на шест аеродроми во Велика Британија, што се управувани од британската компанија БАА е откажан откако управата на компанијата и синдикатот на обновените преговори успеаја да постигнат договор за платите на работниците, јави дописникот на МИА од Лондон. Претставник на синдикатот Унита изјави дека според новиот договор, работниците ќе добијат зголемување за платите од два отсто наместо првично понудените 1,5 отсто, што БАА го оправдуваше со економската криза и бавното заздравување на домашната економија од рецесијата. На новите преговори, синдикатите се изборија од управата на БАА да добијат и согласност за исплата на дополнителен паушален износ од најмалку 500 фунти. Штрајкот првично беше закажан за последниот викенд од август, кога поради празникот и неработниот понеделник, голем број Британци патуваат со авион во внатрешноста на земјата или во странство и кога најголемиот број од луѓето се враќаат од одмор, пред почетокот на новата уцилишна година. Со штрајкот требаше да бидат опфатени неколку стотина илјада патници на најголемиот британски аеродром Хитроу, како и оние на Станстед и Саутхемптон и на сите три главни аеродроми во Шкотска, во Глазгов, во Единбург и во Абердин. ти/ми/17:13