МИА, 26.08.2010

 

Анкара, 25 август 2010 (МИА) – Турската полиција заплени 13 килограми и 346 грама кокаин, 10 илјади таблети, осум килограми и 300 грама опиум и 628 грама хашиш во операција против трговијата со дрога на истанбулскиот аеродром „Ататурк“ и на осум различни места во округот на Истанбул. Во операциите се уапсени 25 луѓе, од кои 21 лице се задржани во притвор. Во операцијата на аеродромот „Ататурк“ екипите на одделот за борба против трговијата со дрога откриле во куфер на француски државјанин, кој произведувал текстил, 11 килограми и 500 грама кокаин. Мажот имал намера да ја продаде дрогата во држави од Далечниот Исток. Во друга операција на аеродромот, полицајците откриле еден килограм и 846 грама кокаин во стомакот на боливиски граѓанин, кој предизвикал сомневање, поради што и бил подлежен на медицински преглед. Кокаинот се наоѓал во презерватив во стомакот на мажот кој сакал да ја пренесе дрогата во Сенегал. аа/ссм/15:39