16.11.2012

 

Нискобуџетната унгарска авиокомпанија “Wizz Air” со зимскиот ред на летање, започна со оперирање на релации од Скопје до шест европски дестинации.. Првиот лет е на релација Скопје-Ајндховен на која “Wizz Air” ќе лета двапати неделно. Два лета во текот на неделата ќе реализира и од Скопје до Милано, Малме, Минхен и Дортмунд, а три пати неделно до Базел. Авиобилетите во една насока со вклучени аеродромски такси ќе чинат од 8,99 евра до 17,99 евра. Ставањето на Македонија на мапата на примамливи дестинации од кои ќе се оперира до шест европски градови со евтини авио билети, јасно покажува дека македонското воздухопловство се движи во вистинската насока, авио транспортот да стане достапен до сите категории на граѓани, во духот на светските трендови, изјави директорот на АЦВ д-р Дејан Мојсоски на промоцијата на новите дестинации на “Wizz Air”, што се одржа на аеродромот Александар Велики во Скопје. Според Мојсоски, АЦВ преку серија меѓународни договори и Меморандуми за соработка со европските воздухопловни институции, ги постави темелите за отворање на македонското небо и тло за превоз на патници од и до македонските аеродроми до десетици европски и светски дестинации. Очекуваните ефекти од субвенционирањето на Владата на новите авио линии, според Мојсоски, се во првата година да има најмалку 120.000 нови патници, односно по 10.000 месечно, најмалку 135.000 во втората година и 150.000 во третата година. “Wizz Air” следната година планира да понуди и директни летови од Скопје до Брисел, Рим и до Барселона. Реализацијата на истите ќе зависи од потребите на македонските патници. Овие летови како и оние што компанијата ги планира за наредниот период, според договорот со Владата ќе бидат помогнати со пари од македонскиот Буџет во износ од 306 милиони денари.