15.02.2013

 

Агенцијата за цивилно воздухопловство доби Сертификат  ISO 9001:2008, кое според директорот Дејан Мојсоски е потврда за долгогодишната заложба од Агенцијата да се направи современ европски систем на брз, ефикасен и безбеден авиотранспорт достапен до сите граѓани.

– Овој сертификат за нас, како регулаторно тело кое се стреми да го достигне квалитетот и ефикасноста на подигнувањето на перформансите во македонското воздухопловство, значи многу. Со зголемувањето на комуникацијата меѓу раководството и вработените, примената на најдобрите практики од поразвиените земји, но и усогласувањето на домашната со европската регулатива, ќе ги зголеми нивото на задоволство на корисниците на услугите, но и ќе ја засили довербата кон нашите услуги, рече Мојсоски денеска на примањето на сертификатот.

Според Дејан Лазаров од претставништвото на ТУВ во Скопје која го издаде сертификатот,  ова значи градење добар имиџ на Агенцијата за цивилно воздухопловство, со што ќе се постигне сигурен, ефикасен и безбеден воздушен сообраќај.

Директорот Мојсоски најави дека на 25-ти овој месец Агенцијата почнува преговори за склучување меморандум за соработка со Саудиска Арабија, а во тек се разговори со Малта, Канада и Бразил.