16.10.2013

 

Инсталиран SOFIA софтвер во Агенцијата за цивилно воздухопловство, креиран од EASA, а наменет за цивилно воздухопловни власти

 

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија и Европската агенција за воздухопловна безбедност (EASA – European Aviation Safety Agency) случија мултилатерален договор за лиценцирање на ексклузивна основа за пристап, користење и промена за олеснување на безбедносниот надзор, преку воведување на веб – базирана апликација. Софтверскиот пакет SOFIA – EASA во суштина е апликација база на податоци која е специјално развиена од EASA во координација со Oрганизацијата SGI Aviation, како алатка за управување односно менаџирање на податоци и надзор и истата е користена од регионални организации за безбедносен надзор, обработка на податоци и креирање на статистички извештаи. Софтверскиот пакет е наменет за помош на организациите, цивилните воздухопловни власти со цел полесно управување на севкупните процеси за надзор на безбедноста и процедурите во сите аспекти и области на цивилното воздухопловство базирана на  ICAO Анекс 1, Анекс 6, Анекс 7, Анекс 8.
Со SOFIA софтверот е овозможено и испитување, обработка на резултатите од инспекциите, менаџирање со работата, известување и надзор, како и локална адаптација на националните, регионални барања.
На Триесет и осмата (38-та) седница на Заседанието на Меѓународната Организација за цивилно воздухопловство ICAO претставници од EASA имаа своја презентација за софтверот SOFIA, со што ја прикажаа основната стратегија и визија за користењето на овој софтвер од цивилните воздухопловни власти. Ова Заседание по бројот на земји членки учесници, сто осумдесет и четири (184), достигна историски рекордна бројка досега.
Врз основа на склучениот договор, во периодот од 19 до 21 март 2013 година во Агенцијата за цивилно воздухопловство се одржа првата средба помеѓу претставници од Агенцијата и тимот на претставници од Европската агенција за воздухопловна безбедност  EASA, во состав од:        г – дин Lynch Wendell, г – дин Carlos Tortosa и г – дин Luc Beaudion.
По одржаната прва работна средба Агенцијата за цивилно воздухопловство доби позитивен извештај од EASA за нејзината заинтересираност, учество и соработка кон успешната имплементација на софтверот. Следните чекори беа тест период за SOFIA софтвер во Агенцијата, а со тоа следеа и број на видео конференции кои и овозможија на Агенцијата основа за следната работа мисија, инсталација на софтверот во Агенцијата.
Врз основа на прогресот на колаборацијата на менаџментот на Агенцијата и претставниците од EASA беше одржана и втората работна средба во периодот од 14 до 15 Октомври 2013 година, со што во рамките на договорот помеѓу Агенцијата за цивилно воздухопловство како корисник и EASA како извршител беше успешно постигната временската рамка во прогресот на имплементацијата.
Втората работна средба беше одржана помеѓу тимот на претставници на Агенцијата за цивилно воздухопловство, во чиј состав беа проект менаџерите за имплементација и администрација на софтверот, како и инспекторите кои директно како корисници ќе работат на софтверот, и тимот на претставници испратен од EASA во состав од: г – дин Luc Beaudion и г-дин Frank Ditmarsch.
За потребите на реализација на проектот SOFIA, EASA соработува со Организацијата SGI Aviation.
Тимот на претставници кој доаѓа директно од раководството на SGI Aviation целосно ја докажува својата посветеност кон проектот SOFIA.  На оваа работната средба SOFIA системот беше инсталиран на сервер во Агенцијата, со што Агенцијата стана дел од заедницата на земји кои го користат софтверот во секојдневното работење во цивилното воздухопловство, а со тоа и се вклучи кон стратегиите на модернизација, квалитет и унифицираност на извршување на работните задачи кон кои цели Европската и Светската заедница на цивилното воздухопловство. Имплементираниот софтвер беше презентиран пред Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство г-дин Д. Мојсоски каде беа сумирани сите придобивки со завршувањето на работната средба со успешни резултати.
Со успешната имплементација на овој софтверски пакет, Агенцијата за цивилно воздухопловство  овозможи полесно извршување на инспекторските задачи, побрз проток на информациите и позитивно влијание врз секојдневно извршување на работни задачи.
Посветеноста на тимот на EASA за реализација на проектот за имплементација на софтверскиот пакет SOFIA, резултираше со успех.
Поради посветеноста, успешната комуникација и колаборација на EASA во соработката со Агенцијата за реализација на проектот, Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство како и тимот од Агенцијата кој учествуваше во реализација на проектот би сакале да ја искажат својата благодарност, и огромно задоволство што имаа можност да работат во овој проект, а со тоа да придонесат кон на стандардизација на Агенцијата за цивилно воздухопловство со Европската агенција за воздухопловна безбедност ЕАЅА и стандардите во воздухопловството на Европската Унија.