05.12.2013

 

За повеќе слики од прославата посетете го линкот подолу:

ЛИНК

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, денеска на свечен начин во седиштето на Европска агенција за безбедност во воздушната навигација (Евроконтрол) во Брисел ја прослави 15-годишнината од членството во европската агенција.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во свечената сала обоена во националните жолто-црвени бои, директорот на АЦВ, Дејан Мојсоски, на присутните амбасадори, дипломати и присутни претставници на 40-те земји-членки на Евроконтрол, им порача дека нашата земја ќе продолжи да инвестира во оваа дејност со цел подобрување на квалитетот и зголемување на процентот на летови во Македонија.

“Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија има големи достигнувања во областа на воздушниот транспорт, особено во порастот на бројот на патници. Имаме раст повисок од 15 проценти и меѓу државите во Европа ние сме со највисок раст по број на патници во воздушниот сообраќај, “ порача првиот човек на македонската Агенција за цивилно воздухoпловство.

Честитајќи го македонскиот јубилеј, кој пак се поклопи со 50 години од создавањето на европската Агенција за воздушен сообраќај, директорот на Евроконтрол, Франк Бренер, ја поздрави иницијативата и вклученоста на Македонија во работата на организацијата.

“Се надевам на идни успешни проекти. Ние сме Агенција со голема традиција и наш заеднички предизвик и обврска е да работиме и да бидеме инволвирани во остварување на успешен и безбеден воздушен сообраќај,” истакна Бренер.

Бренер и директорот на македонската АЦВ, Мојсоски, појаснија дека односите на нашата Агенција со Евроконтрол се на највисоко ниво, дека постои најдобра можна соработка и дека нашата земја е помогната и поддржана во однос на спроведување на идните проекти. Беше посочено дека Македонија останува посветена на достигнувањето највисоки европски стандарди и промоција на земјата, не само на европско, туку и на светско ниво.

Вo изјава МИА по свеченоста, директорот Мојсоски посочи дека ги промовираат достигнувањата и исполнетоста на европските стандарди во однос на воздухопловството, за што Македонија доби значајно признание од сите 40 земји-членки на Евроконтрол во однос на успехот во воздушниот транспорт.

“Она што е значајно е дека остануваме посветени на идните проекти што ќе ги работиме заедно со Евроконтрол во однос на отворање на воздушниот сообраќај над небото над Косово, а очекуваме и зголемување од 20 проценти на бројот на прелети што секако ќе придонесе за намалување на цените на воздушниот транспорт во Република Македонија. Сето тоа ќе овозможи намалување на цените кои македонските граѓани ќе ги плаќаат за патување во европските и светските дестинации,” вели Мојсоски.

На денешниот настан беше промовирана и заложбата на Владата на Република Македонија во однос на проектите што ги спроведе изминатите години во однос на инфраструктурните подобрувања, концесијата на аеродромите, евтините нискобуџетни авио-компании, евтините летови и порастот на воздушниот сообраќај. Тоа беше поздравено како иницијатива, што од присутните беше посочено дека особено се забележува по зголемувањето на бројот на сообраќај и намалување на цените што има значаен удел и во зголемувањето на воздушниот транспорт на европско ниво.