16.03.2014

 

СОСТАНОК НА ВИСОКО НИВО ЗА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА

12-14 март 2014г. Берово, Република Македонија

Во периодот од 12-14 март 2014 во Берово, Република Македонија се одржа состанок на високо ниво во организација на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија. На состанокот кој е прв од ваков тип присуствуваа високи претставници на воздухопловните власти на 10 земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Косово[*], Македонија, Црна Гора, Србија и Турција), директор на EUROCONTROL г. Франк Бренер, директорот на канцеларијата на ICAO за Европа и Северноатлантскиот регион, г. Луис Фонсека де Алмеида, претседателот на ECAC г. Каталин Раду, како и давателите на услуги на воздухопловна навигација, М-НАВ и HungaroControl.

На состанокот кој беше отворен со обраќањето на д-р Дејан Мојсоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство во својство на претседавач се истакна важноста на регионалната соработка помеѓу воздухопловните власти и меѓународните организации, а особено значењето на проектот за отворање на воздушниот простор над Косово. Помеѓу другото, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија изрази искрено верување дека овој воздухопловен форум ќе обезбеди солидна основа за нов почеток на полето на воздухопловството и дека оваа соработка ќе придонесе во иднина да се одржуваат што е можно повеќе вакви состаноци кои што ќе бидат во интерес на земјите од регионот. Воедно, тој ја истакна важноста на отворањето на горниот воздушен простор над Косово и можноста за дефрагментација на воздушниот простор во регионот и создавање на најкуси и најфлексибилни рути. Ова би придонело кон поевтини летови, јакнење на конкуренцијата и корист за севкупната воздухопловната индустрија и патувачката јавност.

Погледнете го Видео со обраќањето на д-р Дејан Мојсоски

Господинот Франк Бренер, директорот на EUROCONTROL истакна дека отворањето на воздушниот простор на Косово преку KFOR секторот е добар пример за годишна заштеда од 370 наутички милји, односно заштеда околу 24.000 тони на гориво или 75.000 тони на CO2. Отворањето на воздушниот простор е одличен пример за соработка на цивилниот со воениот сектор и користење на истите рути што не е вообичаен начин на функционирање.

Погледнете го Видео со обраќањето на г.Франк Бренер

Господинот Луис Фонсека де Алмеида, директорот на канцеларијата на ICAO за Европа и Северноатлантскиот регион истакна дека овој состанок всушност е дел од мисијата на функционирањето на ICAO за зацврстување на соработката помеѓу земјите-членки. Директорот појасни дека ICAO како организација нуди помош на земјите во сите полиња а особено во полето на безбедноста и сигурноста во воздушниот сообраќај.

Погледнете го Видеото со обраќањето на г.Луис Фонсека де Алмеида

Господинот Каталин Раду, претседател на ECAC, истакна дека за време на неговата посета во нашата земја во јуни 2013г. имаше прилика да ги посети главните воздухопловни чинители. На состанокот г. Раду ги потврди достигнувањата на АЦВ на РМ. Тој ја отвори темата за отворањето на воздушниот простор над Косово и воедно истакна дека целта на ECAC е иста со целта на овој состанок односно зацврстување на соработката и координацијата помеѓу земјите како во полето на сигурноста така и во полето на потрага и спасување. Тој истакна дека Република Македонија покажува лидерство со преземањето на меѓународната улога која сама по себе и ја заслужува

Погледнете го Видеото со обраќањето на г. Каталин Раду

Господинот Драган Ѓуровиќ, директорот на црногорските воздухопловни власти,  особена важност и придаде на билатералната регионална и мултилатерална соработка. Нивната посветеност за регионална соработка ја потврдиле со иницијативата за Заедничка област за давање на услуги (JSPA) со што се постигнале видливи резултати во полето на меѓународната соработка во цивилното воздухопловство. Поддршката и учеството во оваа иницијатива остварена е со помош на членовите  од Албанија, Унгарија, Косово, Македонија и Црна Гора додека Босна и Херцеговина и Србија имаат улога на набљудувачи.

Делагацијата предводена од господинот Милан Живанович, директор на српските воздухопловни власти, се заблагодари на поканата за учество на состанокот и изрази искрени честитки до Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија за успешно организираниот состанок. Притоа изразија мислење дека ваков вид на состанок со учество на претставници од цивилни воздухопловните власти од регионот преставува вистинско место за размена на искуства, промоција на соработката и разрешување на отворените прашања како и усогласување на заеднички цели и интереси.

Директорот на косовските воздухопловни власти господинот Дритан Ѓомбалај се заблагодари за поканата, ја поздрави ваквата иницијатива за регионална соработка и истакна дека ова е прв состанок во регионот кој е организиран само од една земја членка, во случајов преставувана од Агенцијата за цивилно воздухопловство по водство на д-р Дејан Мојсоски.

Господинот Дан Симонич, помошник министер за поморство, сообраќај и инфраструктура во Република Хрватска, ја поздрави идејата за отворањето на горниот воздушен простор над Косово и изрази надеж и верување дека во скоро време ќе се отвори и долниот воздушен простор.

Претставниците од М-НАВ и HungaroControl ги изнесоа нивните видувања преставени преку исцрпни презентации.

Заеднички заклучок на сите учесници беше особената важност на билатералната регионална и мултилатерална соработка поздравувајќи ја идејата за отворањето на горниот воздушен простор над Косово, забележувајќи дека ова е прв состанок во регионот кој е организиран само од една земја членка, во случајов преставувана од Агенцијата за цивилно воздухопловство по водство на д-р Дејан Мојсоски.

Исто така се заклучи дека отворањето на горниот воздушен простор над Косово ќе се оствари на зацртаниот датум, односно на 3 април 2014 година. Дополнително беше нотирана важноста на Network Manager и CRCO и подршката на EUROCONTROL во регионот со цел зголемување на обемот на воздушен  сообраќајот. ICAO даде подршка за остварување на регионални обуки во делот на SMS и SSP, а ECAC за идната соработка во полето на потрага и спасување.

 *Оваа ознака не влијае на статусот, и е во согласност со UNSCR 1244 и мислењето на ICJ во однос на декларацијата за независност на Косово.