08.09.2014

 

Воздухопловните власти во земјава, што ги сочинуваат Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), го заокружуваат проектот за формирање македонски национален авиопревозник. Станува збор за досега највисоката фаза во развојот на македонскиот цивилен авиосообраќај, чиј старт практично беше означен со неодамнешната одлука на Владата, која предизвика големо внимание во јавноста. А, меѓу другите, и кај патните превозници, и тоа како товарните, кои би можеле да соработуваат со националниот летач во делот на карго авиопревозот, како и кај автобуските превозници, кои во последно време губат значителен дел патници токму со експанзијата на авиосообраќајот кај нас. Но, кои во иднина може да воспостават потесна соработка со националниот летач, особено во туристичкиот дел на авиопревозот на патници. Токму затоа и тие со особено интересирање гледаат на проектите во областа на авиосообраќајот, каде значајно место и регулаторна улога има АЦВ.

Бенефитите од формирањето на национален авиопревозник ќе бидат ислучително големи, како за македонското воздухопловство, така и за севкупните наши општествено социоекономски текови – вели Дејан Мојсоски, директор на Агенција за цивилно воздухопловство. Ќе се генерираат нови вработувања на воздухопловниот кадар, битно ќе се влијае врз порастот на националниот доход, а ќе се отворат и нови дестинации, кои ќе ги прошират деловните врски со светот, што едновремено ќе го подигне и имиџот на земјата. Наша заложба е што повеќе авиокомпании да летаат во Република Македонија, заради што превземавме низа мерки за намалување на административните бариери и за либерализација на воздушниот сообраќај. Инаку, една компанија да добие лиценца за национален авиопревозник би морала да има најмалку 51% капитал од македонска фирма и да има еден, или повеќе воздухоплови во македонскиот регистар, врз основа на сопственост, или договор за закуп – вели Мојсоски, кој е дециден дека Република Македонија располага со високо квалификуван стручен воздухопловен персонал. И тоа: 63 пилоти со активни дозволи за летање, од кои повеќето работат за странски авиокомпании, но најавуваат дека се подготвени да се вратат во земјава, а 74 лица се впишани во регистарот на АЦВ за воздухопловен технички персонал.

За поволните услови за овој проект зборува и податокот за зголемен број на авиопрелети над Македонија и регионот, при што, како што не информира Живко Попоски, претседател на УО на македонската контрола на летање М-НАВ се бележи зголемување на прелетите од 33 отсто по отворањето на воздушниот простор над Косово за прелети, на 3 април годинава. А, за што голема заслуга има токму М-НАВ, која му помага на „Хунгароконтрол” (НАТО и го делегира правото на Унгарија да ги обезбеди услугите за контрола на летање над Косово), за што постојано добива признание и од соседните контроли на летање.

На ова се надоврзува и интензивниот раст на бројот на патници на двата македонски аеродрома „Александар Велики“ и „Апостол Павле“ во првата половина од го- динава, кога низ нив поминале 559.779 патници, што е зголемување од 18,5%, споредено со истиот период лани.