06.02.2015

 

Како и каде може да се оперира со беспилотно летало?

Владата на Република Македонија, на седницата одржана  на 20.01.2015 година донесе Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор (Службен весник на Република Македонија бр13/2015), со која се пропишуваат условите кои е потребно да ги исполнуваат операторот на воздухоплов без екипаж, како и самиот воздухоплов без екипаж.

Имено, беспилотните летала, повеќе не ќе можат да летаат на македонското небо без преходно добиена дозвола и да бидат пријавени во Агенцијата за цивилно воздухопловство и давателот на услуги за воздухопловна навигација.

Познатите дронови, ќе можат да летаат во радиус од 500 метри во хоризонтала и 150 метри во висина од местото каде што стои оној што управува од земја со ваквото летало. За да летаат на поголем простор, операторот на леталото, ќе мора да достави соодветни документи, да добие посебна дозвола, како и одобрен метод од надлежната контрола на летање, за раздвојување и избегнување на  воздушен простор помеѓу две летала.

Со оваа Уредба, леталата без екипаж се класифицираат во три категории и тоа до 20 килограми, од 20 до 150 килограми за кои ќе се води посебна евиденција и леталата над 150 килограми кои ќе влезат во официјалниот регистар за летала што го води Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Пилотите и оперативците што се дел од управувањето на беспилотното летало ќе мора да поседуваат соодветна лиценца или сертификат за компетентност, заради безбедносни причини.

Со уредбата јасно е дефинирано и дека, пилотот на леталото без екипаж, треба да управува со него, во услови во кои нема да го загрозува јавниот ред и мир и ќе избегнува други летала со екипаж.

Уредбата, во принцип не дозволува летање дронови во населени места.

Тоа ќе биде возможно, само доколку претходно се добие одбрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство под посебни услови.

Не може да се вршат операции на летала без екипаж под 150 метри во некоја населена област, под 50 метри растојание од секое лице, брод, возило или инфраструктура, ниту пак да лета во аеродромска зона без одобрение од надлежната контрола на летање и аеродромскиот оператор.

Не е дозволено насочување на дронот кон лица, животни или собир на луѓе.

Летало без екипаж, не може да лета во радиус од 500 метри од објектите од значење за безбедноста и критичните народни маси, како што се објектите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, објектите на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија, Собранието на РМ, резиденцијата на претседателот на државата, дипломатски претставништва, високо ризични натпревари и голем собир на луѓе.

За реализирање, пак на  воздухопловни операции со дронови во области од значење за безбедноста на државата, дипломатски претставништва високо ризични натпревари и големи собири, покрај  претходно добиено одобрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство и М НАВ, потребна е согласност и од Министерствата за внатрешни работи или за одбрана, во зависност од тоа во чија надлежност е објектот.

Во Уредбата точно се дефинираат и правилата и условите под кои може да  реализираат операции странски беспилотни летала на македонскиот воздушен простор.

Имено, на странски воздухоплов без екипаж му е забрането да лета во македонскиот воздушен простор, ако носи активно наполнето стралачко, ракетно или бомбардерско вооружување, како и активна опрема за снимање, доколку тоа не е регулирано со  претходен Меѓународен договор кој го ратификувала Република Македонија.

За употреба на активна опрема за снимање од воздух, странски воздухоплов без екипаж, треба да има одобрение кое ќе биде во согласност со Законот за одбрана на Република Македонија.