17.10.2016

 

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Горан Јандреоски и Државниот секретар на Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажеска денеска во Скопје, потпишаа Меморадум за соработка, како солидна правна рамка за унапредување на преводот, јазичната и стручна ревизија на правните акти на Европската унија во сферата на цивилното воздухопловство.

Потпишувањето на документот, како што подвлече директорот на АЦВ, Јандреоски, не само што јасно покажува дека СЕП е институција со која може сериозно да се соработува, туку, отвора и широк простор за заедничка соработка, во развојот на стручната терминологија која произлегува од преводот на правните акти на Европската унија, изготвување на поимници со стручни термини, едукација на вработени од Секретаријатот за европски прашања во рамките на меѓународни организации и институции од воздухопловната индустрија, но и обука на вработени од АЦВ во делокругот на работење на СЕП.

Државниот секретар на СЕП, Блажевска, во оваа прилика нагласи, дека, со потпишувањето на Меморандумот, кој е прв од ваков вид парафиран со државна институција, во својата понатамошна соработка, обврзува, двете институции да организираат и семинари и конференции, со кои би се унапредила подготовката на национална верзија на правото на ЕУ во областа на цивилното воздухопловство, но и да се реализираат консултации во однос на Европските фондови и билатералната соработка во делокругот на надлежности на Секретаријатот за европски прашања.

Агенцијата за цивилно воздухопловство и Секретаријатот за европски прашања, со потпишувањето на Меморандумот за соработка, меѓудругото се согласија, намалку еднаш годишно, да реализираат заеднички состаноци, на кои ќе бидат разгледани резултатите од реализацијата на меѓусебната деловно-техничка соработка, но и заради предлагање дополнителни мерки, за зајакнување и унапредување на истата.

Меморандумот стапува на сила, со денешното потпишување на истиот.