14.03.2018

 

По  повод одбележувањето на јубилејот, 25 години од членството на Република Македонија во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО), висока делегација на Агенцијата за цивилно воздухопловство, предводена од директорот Горан Јандреoски, деновиве престојува во Монтреал во официјална посета на организацијата.

За време на посетата, директорот Јандреоски оствари средби со Претседателот на Советот на ИКАО, Др. Олумуива Бернард Алиу, како и со други високи претставници на ИКАО. На средбите директорот Јандреоски се заблагодари на досегашната голема поддршка која ИКАО ѝ ја дава на Агенцијата за цивилно воздухопловство од зачленувањето на Република Македонија, па сè до денес.

Република Македонија, како земја членка на ИКАО, додаде Јандреоски, успеа да ги надмине предизвиците со кои што се соочуваше во минатото и максимално да се посвети на подигнување на нивото на безбедност и сигурност во цивилното воздухопловство. Како резултат на ваквите заложби, за унапредување на капацитетите и квалитетот во своето работење, на Агенцијата, во 2017-та година ѝ беше доделен „Сертификат од Претседателот на Советот на ИКАО”, кој, според Јандреоски, преставува потврда за напорите на Агенцијата при имплементацијата на стандардите и препорачаните практики на ICAO, но, и дополнителен мотив за АЦВ, уште потемелно и поамбициозно, да продолжи да работи на издигнување на македонското на ниво на високо профилираното европско воздухопловство.

Во рамки на посетата, на свечена церемонија што се одржа во Свечената сала на делегатите во седиштето на ИКАО, директорот Јандреоски предаде подарок-Резба во име на Република Македонија. Резбата е уметничко дело на авторот, мајстор Кочо Аиноски, еден од најпознатите охридски резбари, и е работена според стар познат цртеж на почитуваниот охридски сликар Вангел Наумовски. Преку неа е прикажано живеењето на луѓето во Македонија, низ четири годишни времиња. Обраќајќи се пред присутните, на свеченоста Јандреоски подвлече:

„Горд сум, што на 25-годишнината од членството на Република Македонија во ИКАО, со овој подарок, Република Македонија доби почесно место во просториите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, што преставува особена чест, како за АЦВ, така и за државата, Република Македонија.

-Сето  ова немаше да биде возможно без помошта која што е дадена од ИКАО и поддршката  која ја уживавме во текот на сите овие години. Благодарение на вас, како меѓународна организација надлежна за регулација на цивилното воздухопловство,  ние како македонски воздухопловни власти, успеавме да се интегрираме во глобалната воздухопловна заедница, да ги имплементираме стандардите и препорачаните практики на ИКАО како и националните регулативи, воедно подигнувајќи го квалитетот на знаење и компетентноста на македонските воздухопловни експерти,“ истакна Јандреоски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и директорот на Бирото за администрација на ИКАО, г. Винсент Смит, од име на Генералниот секретар на организацијата, др. Фанг Лиу.

На свеченоста покрај делегацијата од АЦВ, присуствуваше и Претседателот на Советот на ИКАО, постојаните претставници на земјите членки на Советот на ИКАО, комесарите од Комисијата за воздухопловна навигација, генералната директорка на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) и истакнати членови на македонската заедница во Монтреал.