15.01.2019

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, денеска имаше работна средба со министерот за транспорт и врски во Владата на РМ, г дин Горан Сугарески.

На состанокот, двајцата соговорници, изразија целосна подготвеност, за интензивирање на постапката за донесување на измените и дополнувањата на Законот за воздухопловство, кои имаат за цел, усогласување на македонскиот правен систем со најновите меѓународни воздухопловни стандарди и препорачани практики, кои се прифатени согласно Мултилатералната Спогодба за Европска заедничка воздухопловна област и Чикашката конвенција.

Тунтев и Сугарески, меѓу другото, се осврнаа и на утврдувањето на стратешките интереси на Република Македонија, во процесот на приклучување кон еден од постоечките функционални воздушни простори. Проект, со кој би се реализирало групирање на воздушните простори на земјите во Европа и регионот, како предуслов за затварање на првата фаза од Мултилатералната Спогодба за Европска заедничка воздухопловна област. Во таа насока, Тунтев и Сугарески, ги разгледаа позитивните и негативните аспекти, кои ги нудат двете можности за вклучување на Република Македонија кон DANUBE или Blue MED FAB. Беше договорено и во понатамошната координација околу имплементацијата на овој проект, да биде вклучен и давателот на услуги на воздухопловна навигација МНАВ, како најповиканата страна во процесот.

Директорот Тунтев, му ги пренесе на министерот Сугарески, своите позитивни видувања за вчерашното  потпишување на договорот  за субвенционирање на Виз Ер, кој како што рече, дополнително ќе го  зајакне бројот на  патници и карго волумен на македонските аеродроми, но и ќе го прошири спектарот на можности за патување до поголем број европски и светски дестинации, по прифатливи цени за сите.

Првите луѓе на Агенцијата за цивилно воздухопловство и на Министерството за транспорт и врски, се заложија и за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете институции, во областите од заедничка надлежност, кои имаат за цел, креирање, модерно, безбедно, сигурно, и европски профилирано македонско воздухопловство, достапно под еднакви услови за сите.