24.04.2019

 

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство д р Томислав Тутев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, потпишаа Меморандум за соработка, со кој ги дефинираа јасно поставените цели на двете институции, да работат на унапредување и подигнување на степенот на развој и соработка во сферата на безбедноста на цивилниот воздушен сообраќај во земјава.

Со потпишаниот документ, двете страни се обврзаа и дека, се заложуваат за обезбедување највисоки безбедносни стандарди на воздушниот сообраќај, ќе работат на зајакнување на регионалната и меѓународна соработка преку активно учество во меѓународните воздухопловни организации, но и ќе се грижат за спроведување на законските прописи и стандарди на НАТО и ЕУРОКОНТРОЛ.

Агенцијата за цивилно воздухопловство и МВР, со Меморандумот за соработка, ја потврдија интенцијата, да се грижат за хармонизацијата на воздухопловната легислатива на ЕУ во полето на управување со воздушниот простор и сообраќај, и да ги стават на располагање својата стручност во работата на комисии за испитување на несреќи и сериозни инциденти на државните и цивилни воздухоплови.

Со ставањето на својот потпис на документот, директорот Тунтев и министерот Спасовски, уште еднаш јасно ги дефинираа стратешките определби на двете институции за, заедничка борба против тероризмот, преку размена на информации и други незаконски акти на постапувања против цивилното воздухопловство и преку учество во заеднички работни тела за проценка на ризик(закана, веројатност, ранливост, еволуација, мерки)по безбедноста на цивилното воздухопловство од терористички напади.

Меморандумот стапи на сила со денот на неговото потпишување.