06.06.2019

 

Во рамки на востановената практика за одржување и продлабочување на меѓусебната регионална соработка помеѓу воздухопловните регулаторни тела, во Скопје се одржа средба на делегации од македонската и косовската Агенција за цивилно воздухопловство, предводени од нивните директори, д-р Томислав Тунтев и Есет Бериша.

Гостите од Косово ја потенцираа нивната детерминираност за реализација на конкретни активности и заеднички развојни проекти во рамки на билатералната соработка помеѓу двете воздухопловни власти. На средбата взаемно беше истакната потребата и заедничките заложби за достигнување и исполнување на релевантните меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај и транспорт, како основен услов за остварување на успешни интегративни процеси во глобалниот европски воздухопловен транспортен систем.

Соговорниците ги согледаа и утврдија условите и можностите за заеднички регионален настап и учество во работата на Eurocontrol, ICAO, ECAC, EASA и останатите меѓународни воздухопловни организации и здруженија. На средата, исто така, беше договорено меѓусебната соработка да биде интензивирана во наредниот период на оперативно и техничко ниво, преку размена на искуства, знаења и позитивни практики на експертите и стручните лица на конкретни проекти и надзорни активности, во рамки на основната дејност на обете цивилни воздухопловни власти.