03.07.2019

 

Во присуство на голем број гости од воздухопловниот сектор во земјава и странство, на Аеродром “Св. Апостол Павле” Охрид со пригодна свеченост беше означен стартот на двете нови сезонски дестинации – Штутгарт и Дизелдорф, како и влезот на Еуровингс како нова авиокомпанија на македонскиот пазар. Авионите на Еуровингс ќе оперираат на релација Штутгарт – Охрид два пати неделно, секој понеделник и петок, до 9 септември, а од 17 јули авиокомпанијата ќе ја отвори својата втора сезонска дестинација од охридскиот аеродром, за Дизелдорф, на која ќе лета секоја среда, до крајот на август.

На свечената церемонија на охридскиот аеродром пред присутните гости се обрати и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев. Во своето обраќање, меѓу другото, Тунтев потенцира дека охридскиот аеродром оваа година доживува процут, експанзија на сообраќајот, што не е забележано во 65 годишната историја на аеродромот.

Пред 5 години, во 2014 год., Аеродром Охрид имаше 45.000 патници преку целата година. Оваа година, 2019, само во месец август на охридскиот аеродром ќе слетаат и полетаат 45.000 патници. Бројот на патници во првиот квартал од оваа година беше за 64% поголем од истиот период минатата година. Овој пораст е уште поголем во вториот квартал. Ваквите бројки значат рапиден пораст на сообраќајот, и ова што денес се случува со охридскиот аеродром само покажува дека сме биле во право на сите ние, кои претходниве години верувавме дека овој аеродром ќе доживее процут, односно бум во својот развој. Колку за споредба, минатата година овде имаше 184.000 патници, а оваа година ќе има над 300.000 патници. Тоа е енормно зголемување и на бројот на патници, и на бројот на воздухоплови.

Во 2014 год., во најголем период од годината имаше само еден авион неделно. Оваа година, 2019, во јули и август ќе има денови со дваесеттина слетувања и полетувања дневно. До пред неколку години овде оперираа 3-4 авиокомпании на исто толку дестинации. Во претстојнава летна сезона 13 странски воздушни превозници ќе го поврзуваат охридскиот аеродром со 20 атрактивни дестинации во 12 европски држави. Овие бројки нема да застанат, туку ќе се движат по нагорна линија и во иднина.

За Агенцијата за цивилно воздухопловство, ултимативната цел и задача е да се зачува безбедноста на патниците и воздухопловите што оперираат на нашите аеродроми, и во таа насока ќе бидат планирани и реализирани идните деловни активности. Во рамките на своите законски надлежности како регулаторно тело, АЦВ ќе продолжи со планските редовни надзорни активности врз субјектите во авиоиндустријата. На тој начин, на нашите партнери во авиосообраќајот треба да им овозможиме услови за непречено одвивање и реализација на воздухопловните текови и услуги, а на патниците редовен, уреден и безбеден воздушен транспорт”.