На околу 200 дена од почетокот на здравствената криза со Ковид-19 во европското воздухопловство и на околу 90 дена до крајот на 2020 год., европските воздухопловни здруженија ги интензивираа своите координирани активности за да ги убедат европските држави да ги заменат едностраните мерки за карантин со тестирање на патниците. Меѓународното задружение на воздушни превозници IATA, Сојузот на најголемите европски авиопревозици А4Е и Меѓународниот европски аеродромски совет ACI Europe, тврдат дека на тој начин ќе биде обезбедена далеку поголема сигурност, извесност и доверба кај патниците во воздушниот сообраќај, со што се очекува да биде генериран поголем број патувања, а истовремено тоа ќе значи и спас за илјадници работни места во секторот за сообраќај и туризам.

Статистичките податоци за физичкиот обем на сообраќајот на европското небо за првите 9 месеци во 2020 год. ја потврдуваат влошената состојба во однос на минатата година. Бројот на летови покажува дека воздушниот сообраќај кон, од и во рамките на европскиот континент е намален за 66,3% оваа година во споредба со минатата. Најновите податоци за бројот на превезени патници во воздушниот сообраќај откриваат дека патничкиот сообраќај во рамките на ЕУ е опаднат за  околу 78%. Најновото истражување на реномираната меѓународна Акциона група за воздушен транспорт (ATAG) за влијанието на ограничувањата на Ковид-19 покажува дека падот на воздушниот сообраќај може да резултира со пад на вработеноста за 52% во рамките на авиоиндустријата во Европа, што би значело загуба на околу 7 милиони работни места. На тој начин европските економски активности во оваа сфера годинава би претрпеле загуба од безмалку 450 милијарди евра. Поради тоа, очигледно е дека е неопходно преземање на итни и координирани мерки и активности за да се спречи уште поголема економска катастрофа во сферата на воздушниот сообраќај.

„Треба да научиме да живееме – и да патуваме – со вирусот. Повторното овозможување на слободно движење на луѓето и воздушна поврзаност низ европскиот континент на безбеден начин мора да биде приоритет за сите субјекти што донесуваат извршни одлуки.“ – велат претставниците на најрелевантните европски воздухопловни организации и здруженија. Тие тврдат дека воведувањето на единствен и унифициран протокол за тестирање на патниците пред да патуваат ќе овозможи безбеден, ефикасен и усогласен начин за реализација на патувањата во воздушниот сообраќај. Од друга страна, тоа би значело намалување на ризикот за пренос на заразните болести, поголем степен на заштита од вирусот и стимулирање на економските активности, за сите држави на европскиот континент.

Предложената рамка се заснова на два главни принципи:

  • карантините и едностраните забрани во државите треба да се заменат со тестирање на патниците пред поаѓање, базирано на протокол за тестирање на ЕУ за патувања, односно на употреба на брз и ефикасен тест;
  • ограничувањата за патување мора да бидат координирани и засновани врз заедничка проценка на ризик, која ќе се прави со единствени критериуми и заеднички систем за кодирање во боја, односно мапирање на критичните области и региони.

Воведувањето на еднострани забрани, карантини, изолации и други ограничувања при патувањето од страна на државите му нанесе огромни штети и загуби на воздушниот сообраќај. Закрепнувањето од последиците од кризата со Ковид-19 на сите субјекти во европската авиоиндустрија ќе одеше многу побрзо, доколку се применуваше координиран, заеднички и услогласен пристап од страна на поодделните европски држави. Воздушниот сообраќај не „трпи“ примена на различни, па дури во одредени периоди и спротивставени национални стандарди, препораки и практики во различни држави. Примената на универзални правила и усогласени мерки се основната претпоставка за успешно враќање на патниците во воздушниот транспорт. Владите на државите, односно телата и органите на ЕУ мора да пронајдат применливи алтернативни решенија со кои ќе се избегне затворање на границите и еднострано воведување на карантин, изолација и други ограничувања и забрани.

За ова да стане применливо и одржливо, неопходно е да бидат преземени следните мерки и активности:

  • владите треба да овозможат повторно отворање на границите без карантин, со спроведување на систематско, брзо и ефикасно тестирање на сите меѓународни патници пред поаѓање;
  • тестирањето треба да биде брзо, прецизно, едноставно, лесно мерливо и прифатливо, со употреба на технологија што може лесно да се управува;
  • владите треба проактивно да го воведат брзото тестирање, преку следење и примена на неопходните регулаторни одобренија, при што треба да се даде приоритет на авијацијата кога станува збор за распределување на достапни брзи тестови;
  • глобалните стандарди за тестирање треба да бидат договорени и усогласени преку Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ICAO, така што тестовите спроведени во една држава при поаѓање на патникот да бидат прифатени од страна на надлежните државни органи на било која друга држава по пристигнувањето на патникот.
  • потребна е примена на систематски и усогласен пристап кон следењето на контактите, како дополнителна активност за ублажување на ризиците.

За да бидат погодни за употреба, како дел од процесот на патувањето пред поаѓање, брзите тестови треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

  • точност – тестовите треба да имаат исклучително високо ниво на сигурност и доверба во однос на нивната сензитивност, со минимален број на лажни позитивни резултати, при што нивната прецизност треба да биде потврдена од страна на релевантни национални или меѓународни здравствени власти;
  • брзина – тестовите треба да овозможат добивање на резултати во краток временски рок, идеално би било во рок од 20-тина минути, за да се избегне било какво непотребно нарушување на процесот на патување;
  • приспособливост – тестовите треба да овозможат истовремена обработка на неколку стотици тестови на час, со цел да се избегнат одложувања, откажувања и други непријатности за патниците;
  • едноставност – тестовите треба да бидат лесни и едноставни за употреба, како од аспект на земање примерок, така и од аспект на употреба на неопходната технологија за добивање на резултатите;
  • применливост – тестирањето не треба да биде спроведувано од страна на медицински или друг стручен персонал, иако се очекува да биде неопходна одредена обука и запознавање на луѓето со употребата на брзите тестови;
  • достапност – цената на тестовите не треба да биде висока, односно не смее да претставува пречка за патувањето, што значи дека вкупните трошоци за тестирањето не треба да бидат поголеми од 10-тина евра.

Резултатите од направените анкети досега покажуваат дека патниците ја поддржуваат употребата на брзи тестови. Глобалното истражување на јавното мислење што го направи IATA во текот на месец јуни ја потврди поддршката на Европјаните за примена на тестирање на Ковид-19 на патниците во процесот на патување во воздушниот сообраќај:

  • 65% од анкетираните патници мислат дека не треба да се применува карантин од страна на државните власти доколку некое лице има негативен тест за Ковид-19;
  • 83% од патниците воопшто не би размислувале да патуваат повторно доколку тоа вклучува 14-дневен или 10-дневен карантин по патувањето;
  • 84% од анкетираните се согласуваат дека е потребно тестирање на Ковид-19 од страна на сите патници во воздушниот транспорт;
  • 85% од анкетираните патниците биле поприлично или многу загрижени затоа што морале да одат во задолжителен карантин по реализираното патување;
  • 88% се подготвени да подлежат на тестирање како дел од процесот на патување.

Покрај отворањето на границите и непреченото движење на луѓето, истражувањето на јавното мислење исто така покажа дека употребата на брзи тестови ќе помогне во обновата и закрепнувањето на сите сегменти во воздушниот сообраќај и враќање на довербата во авијацијата. Испитаниците го идентификуваа спроведувањето на мерките за скрининг на Ковид-19 со брзи тестови како втор критериум за да се чувствуваат безбедно, веднаш по критериумот за задолжително носење на заштитна маска.

Со оглед на фактот што сè поголем број земји во Европа повторно минуваат низ период на експанзија на епидемијата со Ковид-19, очигледно е дека бројот на заразени и заболени луѓе забрзано расте на глобално ниво. Ретки се државите што се исклучок од ваквиот тренд, иако експертите сметаат дека е само прашање на време кога насекаде ќе се приближат или изедначат релативните бројки во однос на последиците од пандемијата. Погубните економски и социјални последици за сите европски држави се евидентни, така што владите бараат бараат најсоодветни начини како да ги рестартираат своите економии и повторно да ги отворат своите граници. Притоа, основниот критериум кај сите е да се заштити и одржи сопствениот здравствен систем, што претставува ултимативно барање за заштита на здравјето на луѓето.

Како резултат на повеќемесечна интензивна соработка помеѓу релевантните воздухопловни институции, Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќај ЕАЅА и Европскиот центар за контрола на заразни болести ECDC, кон крајот на јуни го издадоа и публикуваа Протоколот за управување со здравствената криза од Ковид-19 во воздушниот сообраќај. Овој документ, освен што ја отсликува новата реалност и новата нормалност во авиоиндустријата во услови на пандемија со Ковид-19, всушност претставува и универзално упатство за преземање и спроведување на конкретни мерки и активности за заштита на сите лица што се инволвирани во одвивањето на воздушниот сообраќај и транспорт. На тој начин се создаде една заедничка оперативна рамка на делување во услови на глобална здравствена криза, во која воздухопловните субјекти во државите на европскиот континент почнаа да ги следат и имплементираат новите универзални меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај. Само со доследна примена на вакви и други слични универзални стандарди и препораки од страна на сите инволвирани субјекти може да се очекува успешно спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 во авиоиндустријата и ефикасно справување со последиците од глобалната здравствена криза во областа на воздухопловството.

 

Октомври, 2020 год.

д-р Томислав Тунтев

Директор на АЦВ