Директорите на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Северна Македонија, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Црна Гора, Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Босна и Херцеговина и Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија, кон крајот на октомври 2022 год. покренаа заедничка Иницијатива за отворено балканско небо (Open Balkan Sky Initiative – OBSI). Основната цел на оваа иницијатива е продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу балканските воздухопловни власти, олеснување во примената на меѓународната воздухопловна регулатива за сите субјекти во авиоиндустријата во државите во регионот и заеднички настап пред меѓународните воздухопловни организации и здруженија.

 

Директорите на четирите регулаторни тела се договорија за преземање и реализација на конкретни заеднички активности и проекти од сферата на цивилното воздухопловство, што ќе придонесат за редукција на одредени функционални, регулаторни и оперативни ограничувања, и ќе овозможат многу полесно, поефикасно и побезбедно одвивање на воздухопловните активности. За таа цел, се пристапи кон подготовка на заеднички Меморандум за разбирање помеѓу воздухопловните власти од државите во регионот, со кој треба да бидат воспоставени основите за продлабочување и унапредување на меѓусебната соработка во конкретни области на цивилното воздухопловство. Тоа, пред се’, се однесува на следните активности: меѓусебно признавање и препознавање на пилотските дозволи и лекарските уверенија, спроведување на заеднички инспекции, обуки и практични вежби за воздухопловните инспектори, формирање на регионално здружение на воздухопловни експерти, спроведување на заеднички вежби за трагање и спасување во воздухопловството, основање на регионален центар за обука на кадри од областа на обезбедувањето од незаконски дејства во воздухопловството, организирање на регионални тематски стручни форуми и семинари во соработка со субјектите од авиоиндустријата, размена на искуства и позитивни практики од областа на оперирањето на воздухопловите без екипаж, и сл. Се разбира, сите зеднички проекти и активности ќе бидат во целосна согласност со меѓународните стандарди и препораки од областа на цивилното воздухопловство, односно со воздухопловната регулатива на ЕУ.

Во меѓувреме, намера за приклучување кон иницијативата покажаа и цивилните воздухопловни власти на Турција и Албанија, со што овој регионален проект може да ги надмине границите од Балканот. Меморандумот треба да биде потпишан кон средината на јануари 2023 год. На тој начин ќе бидат создадени реални услови и можности за побрз, поинтензивен и поефикасен развој на цивилното воздухопловство во Југоисточна Европа, како составен и нераскинлив дел од Единственото Европско Небо (Single European Sky – SES).