Во рамки на Меѓународната конференција на Регионалниот советодавен комитет за трагање и спасување во воздухопловството RASARAC што се одржа минатата седмица во Скопје, директорот на АЦВ, д-р Томислав Тунтев, оствари билатерални средби со директорките на бугарските и српските цивилни воздухопловни власти.

 

На двете средби, со г-ѓа Анелија Маринова, директорка на Цивилната воздухопловна администрација во Бугарија, и со г-ѓа Мирјана Чизмаров, директорка на Директоратот за цивилно воздухопловство во Србија, беа разменети мислења во врска со меѓусебната регионална соработка и заедничкиот регионален настап пред релевантните меѓународни воздухопловни организации и институции. Исто така, беа разгледани можностите и начините за продлабочување на меѓусебната билатерална соработка на агенциите на оперативно ниво, како и условите за реализација на заеднички проекти од областа на безбедноста и обезбедувањето во воздушниот сообраќај во регионот.

 

Со задоволство беше констатиран значаен напредок на меѓусебните билатерални односи во сферата на размена на искуства и стручни познавања на воздухопловните инспектори, реализација на заеднички инспекциски надзор врз работата на субјектите од авиоиндустријата, заедничко учество и организација на наменски стручни работилници, обуки и семинари, како и развој на заеднички меѓугранични проекти за јакнење на капацитетите на воздухопловните власти, поддржани од ЕУ. На средбите беше разговарано и за новите предизвици што стојат пред националните регулатори во воздушниот сообраќај, со оглед на сè поголемата и помасовна примена на беспилотните летала во воздухопловните активности, како и поради зголемениот број на сајбер закани во воздухопловството и потребата за развој на ефикасна и одржлива сајбер заштита.