Осврт на д-р Томислав Тунтев, директор на АЦВ: НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ЦИВИЛНОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВО
Новите современи технолошки развојни трендови и достигнувања секојдневно ја трансформираат воздухопловната индустрија, преку подобрување и унапредување на безбедноста, ефикасноста и отпорноста на воздушниот сообраќај и транспорт, и намалување на негативните влијанија врз животната средина. Воздухопловната индустрија постојано се развива, а новите технологии играат сè поважна улога во таквата еволуција. Обезбедувањето од акти на незаконско постапување (security) во воздушниот сообраќај во последните неколку години претрпе значајни промени, пред се’ поради незапирливиот напредок во развојот на новите технологии. Како резултат на новите револуционерни иновативни и напредни технолошки решенија, дојде до развој на современи методологии и технички уреди и системи, кои овозможуваат непречено, удобно и безбедно патување со авион.
На голем број аеродроми, ширум светските меридијани, конвенционалната опрема за против-диверзиона контрола на патниците и нивниот багаж – рентген уредите и метал-детекторските врати – се’ почесто се заменуваат со нова, многу пософистицирана опрема за компјутерска томографија. Таквата опрема вклучува автоматизирани системи и моќни алгоритми за откривање експлозиви и други опасни материи, како во регистрираниот патнички багаж, така и при контрола на рачниот багаж. Новите скенери со компјутерска томографија му овозможуваат на персоналот за обезбедување да добие тродимензионални слики од содржината на багажот, при што потенцијалните закани се детектираат со поголема точност. Од аспект на времетраењето на процедурите за контрола на патничкиот багаж, најголемата предност на новите современи скенери е што можат да ги препознаат и разликуваат безопасните предмети од опасните материи, минимизирајќи ја потребата за рачни проверки на торбите и забрзувајќи го целокупниот безбедносен процес на проверка. На тој начин на патниците, по повеќе од 20 години, повторно им е овозможено да носат течности во амбалажа поголема од 100 милилитри, односно да оставаат течности и лаптопи во нивниот рачен багаж, без да бидат приморани да ги вадат од торбите и да ги покажуваат на контролните безбедносни пунктови.
Новата технологија со милиметарски бранови овозможи производство и користење на современи скенери за тело, со кои значително се менува начинот на против-диверзионата контрола на патниците. Со употреба на безопасни радио бранови, со кои се генерираат слики од телата на патниците, овие скенери можат да детектираат скриени предмети без да ги загрозат приватноста или здравјето на луѓето. Со помош на новата технологија со милиметарски бранови, безбедносниот персонал е во состојба брзо и прецизно да идентификува забранети предмети, како што се оружје, муниција или експлозиви. Напредните скенери за тело веќе се стандардна опрема за скрининг на патниците на сите поголеми аеродроми во развиениот свет.
Напредната биометриска идентификација исто така игра значајна улога за унапредување на безбедноста на аеродромите и за подигнување на квалитетот на аеродромските услуги за патниците. Користејќи ја уникатноста на човечките лични карактеристки, како што се отпечатоците од прсти, препознавање на лицето, скенирање на ирисот во очите, па дури и препознавање на човечкиот глас, биометриските системи го прават процесот на автентикација на луѓето побрз и посигурен.
Оваа технологија значително го намалува ризикот од измами со менување на идентитетот и им помага на надлежните безбедносни служби поефикасно да ги откријат и спречат потенцијалните безбедносни закани и ризици, обезбедувајќи пристап до контролираните безбедносни зони само на овластените лица.
Вештачката интелигенција и машинското учење се лидери во развојот и унапредувањето на современите безбедности уреди и системи. Воопшто, современиот свет секојдневно доживува длабока трансформација во сите сфери на неговото битисување, поттикнат од извонредниот напредок на новите технологии на вештачката интелигенција. Оваа современа еволуција влијае врз развојот на многу различни сектори, а авијацијата е во првите редови на областите што се подложни на таквата влијателна промена. Употребата на вештачката интелигенција и машинското учење значително го подигнува нивото на безбедноста на аеродромите. Новите интелигентни системи се во можност да анализираат огромни количини на податоци во реално време, идентификувајќи одредени обрасци и аномалии на однесување и делување, што би можеле да останат незабележани и неидентификувани од страна на безбедносниот персонал. Безбедносните системи со вештачка интелигенција можат да предвидат потенцијални безбедносни закани и прекршувања, истовремено да ги проценат ризиците, и соодветно да ги оптимизираат безбедносните протоколи.
Една од клучните апликации на вештачката интелигенција е точното предвидување на доцнењето на летовите. Со помош на софистицирани алгоритми и анализа на податоци, надлежните аеродромски служби можат прецизно да ги предвидат потенцијалните доцнења и да преземат проактивни мерки, со кои ќе обезбедат непречено, удобно и безбедно процесирање на патниците и нивниот багаж во услови на задоцнети, одложени или откажани летови. Покрај тоа, вештачката интелигенција може да игра клучна улога во проценка на густината на патниците и патничките текови во патничките терминали. Преку анализа на огромни количини на податоци во реално време, надлежните аеродромски служби можат да имаат континуиран увид во движењето на патничките текови, односно да добијат прецизни податоци за густината, брзината и протокот на патниците низ аеродромските објекти, што ќе им овозможи да ги оптимизираат аеродромските операции и да ја подобрат севкупната ефикасност и безбедност во нивното спроведување.
Во поново време, составен дел на аеродромската безбедносна инфраструктура станаа и т.н. сензори од „интернет опрема“. Под поимот „интернет опрема“ се подразбира заедничка електронска мрежа од меѓусебно поврзани уреди и софтверска технологија што овозможува комуникација помеѓу самите уреди, со помош на интернетот. Овие меѓусебно поврзани уреди следат различни аспекти на операциите на аеродромот, од камери за безбедносен надзор, до системи за контрола на пристап. Со обезбедување на мноштво податоци во реално време, сензорите од „интернет опремата“ овозможуваат подигнување на свесноста за ситуацијата и генерираат брзи одговори при појава на евентуални безбедносни инциденти. Дополнително, оваа опрема придонесува за предвидливо одржување на безбедносните уреди и системи, обезбедувајќи на тој начин дека безбедносната опрема ќе биде целосно оперативна и во функција во секое време.
Истот така, во комбинација со соодветни современи хардверски и софтверски решенија, „интернет опремата“ на аеродромските оператори им овозможува да ги зголемат финансиските приходи од невоздухопловните активности – паркинг на возила, продажба на храна и пијалоци, продажба на стоки и услуги, издавање на деловен и рекламен простор, итн. – притоа добивајќи прецизни индикатори во врска со однесувањето и активноста на патниците, посетителите, вработените и деловните партнери, односно нивните преференции во врска со купувањето или користењето на производи и услуги на аеродромите. Континуираното следење, набљудување и анализирање на однесувањето на патниците, како и сите останати посетители на аеродромите, може да им обезбеди вредни и значајни материјални придобивки на аеродромските оператори и на давателите на аеродромски услуги, кои понатаму можат да бидат инвестирани во значајно подобрување и унапредување на обезбедувањето во воздушниот сообраќај.
Февруари 2024 год.
Архива
- 04.01. Иницијатива Open Balkan Sky
- 24.02. In Memoriam
- 24.02. Последен поздрав
- 18.04. Соопштение за јавноста
- 15.03. СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
- 12.07. Соопштение
- 24.06. Известување
- 24.01. Известување
- 22.06. 22 доктори летаа со балон
- 14.06. Јавен Повик
- 27.11. Известување
- 20.11. Известување
- 30.03. Известување
- 10.12. АЦВ стана членка на ЈARUS
- 13.06. АЦВ нема долг кон УЈП
- 18.04. АЦВ во посета на BHDCA
- 15.02. Дубаи се поврзува со Скопје
- 09.01. Eurocontrol SLO
- 16.11. Промотивен лет Дубаи
- 12.07. Внимание
- 09.11. Честит Kурбан Бајрам
- 28.10. Благодарница
- 17.08. Повик за волонтирање
- 11.07. Повик за волонтирање
- 02.03. ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА
- 26.08. Евтините авиобилети утопија
- 13.08. Бразилците ќе ловат НЛО
- 30.07. „Боинг“ оствари помал профит
- 29.07. Воен авион се урна на Аљаска
- 27.07. Грција остана без гориво
- 07.06. Руски авион принудно слета
- 03.06. Во Србија се урна воен авион
- 19.04. Србија ер“ го наследува ЈАТ
- 19.04. Европа останува приземјена
- 16.04. Пепелта ја парализира Европа
- 18.03. Странците не’ прелетуваат
- 18.03. ЧСА ќе отпушти 130 пилоти
- 12.03. Поудобен лет – повеќе пари
- 24.02. Празно европското небо
- 21.02. Снегот го отежна сообраќајот
- 18.02. Луфтханза пред штрајк