Агенцијата за цивилно воздухопловство на Северна Македонија беше домаќин на оценската мисија од Европската комисија, во периодот од 20-22 февруари 2024 година, во однос на исполнувањето на условите од првата фаза од Мултилатералната спогодба за воспоставување на Заедничка европска воздухопловна област (ЕЗВО) склучена помеѓу партнерите од Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Косово од една страна и Европската Унија, Норвешка и Исланд од друга страна.

 

Целта на оваа спогодба е поблиска и подлабока интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во европска воздухопловна област/мрежа што дополнително ќе придонесе за подобрување на растот, поврзаноста и конкурентноста преку создавање на единствен пазар на воздухопловство, покривајќи 36 земји и повеќе од 500 милиони патници. Интеграцијата на земјите од регионот на Западен Балкан во европската воздухопловна област треба да се обезбеди во две фази. Исто така, преку исполнување на обврските од Спогодбата треба да се обезбеди регулаторна рамка и воспоставување на стандарди, недискриминација и поволна клима за развој на сите области од воздухопловството.

За време на оценската мисија, експертите на Европската комисија, EASA и од земјите на Европската унија констатираа суштински напредок во исполнувањето на барањата од првата фаза на Протоколот V од Мултилатералната спогодба за ЕЗВО кои се однесуваат на транспозиција и имплементација на ЕУ Регулативите поврзани со давањето на ATM/ANS услуги, пријавување на настани, истражување на несреќи и сериозни инциденти, обезбедување на воздухопловството од дејствија на незаконско постапување, заштита на правата на патниците, пристап на пазарот на земски услуги на аеродром, формирање на цени од страна на авиопревозниците, работно време на мобилни работници во воздухопловство, конкуренција и државна помош и друго.

Во рамките на оценската мисија беа опфатени и други засегнати институции по однос на имплементација на обврските од Мултилатералната спогодба за ЕЗВО од нивна страна како што се Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Комитетот за истраги на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството, Комисијата за заштита на конкуренција, како и субјектите на воздухопловната индустрија, односно давателот на ATM/ANS услуги М-НАВ и аеродромскиот оператор ТАВ Македонија.

Голема благодараност до тимот на Европската комисија за нивната професионалност и објективност, до тимот во АЦВ за огромниот напор и посветеноста и секако за ангажманот на претставниците од другите вклучени институции и субјекти на воздухоповната индустрија кои дадоа придонес во реализацијата на оваа успешна оценска мисија.