Вечер, 11.02.2010

 

По претрес на багаж кај турски државјанин, кој требало да патува за Истанбул, цариниците откриеле прачки злато и накит вреден 36 илјади евра Обид за шверц на два и пол килограми злато спречија цариниците на аеродромот Александар Велики” во Скопје.

Златото вредно 36 илјади евра било најдено кај турски државјанин, кој од скопскиот аеродром требало да патува за Истанбул. За најденото кривична пријава за криумчарење стока е поднесена против турскиот државјанин Б.Г. Обидот за шверц бил откриен откако турскиот државјанин кај царинската контрола не пријавил ништо, по што бил упатен на детален преглед . Цариниците извршиле скенирање на неговиот багаж, при што во патната торба било најдено златото завиткако во алуминиумска и најлонска фолија. Стоката била сокриена во облеката. По скенирањето биле најдени 6 прачки злато, голема плочка злато, три златници од кои по едно парче француски, австриски и златник со ликот на Гоце Делчев, плочка од 5 грама, четири златни ланчиња од кои три биле со приврзок, две нараквици од бело и жолто злато, три приврзоци, шест обетки и прстен.

Запленетата стока е предадено на вештачење во златарницата Рубин кармин”. Оттаму утврдиле дека една од прачките била 18-каратна, две прачки, големата плочка и обетките биле од 14-каратно злато, златниците и плочката од 5 грама се 24-каратни, а останатиот накит бил со различна чистота. Со вештачењето било утврдено дека прачките биле излиени на аматерски начин со претопување на стар златен накит.