Дневник, 19.02.2010

 

Раководството на контролата на летање, без да распише јавен повик, изнајмило деловен простор во зграда во близина на скопски Бит-пазар, иако имала поевтина понуда за канцеларии во зградата на ССМ Контролата на летање, без да распише јавен повик, за околу 60.000 евра годишна кирија изнајмила деловен простор во зграда во близина на скопски Бит-пазар, иако имала поевтина понуда за канцеларии во зградата на ССМ.

Државното претпријатие „Македонска навигација“ (М-НАВ) ја прифатило директната понуда на фирмите „Арспројект сќе“ од Куманово и на „Булмак груп“ од Скопје да плаќа закупнина од 18 евра за квадрат, а ја одбило понудата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од 12 евра за квадрат за 12 канцеларии во зградата на синдикатот во строгиот центар на Скопје.„Македонска навигација“ за просторијата од 262 квадрати на петтиот кат во зградата на улицата Стив Наумов број 9, во која е сместен секторот за финансиско работење и правната служба, однапред за цела година платила 56.592 евра кирија, односно месечно по 4.716 евра.

Понудата на ССМ не само што е поевтина според цената за квадратен метар, туку во неа се вклучени и трошоците за струја, вода, лифт и за одржување на хигиена. Деловниот простор што го издава ССМ има површина од 250 квадратни метри, односно месечната кирија би била 3.000 евра, т.е. 36.000 евра годишно.Според претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Живко Поповски, за набавка на деловен простор не било потребно да се распише јавен повик бидејќи се барале канцеларии што ќе биле соодветни на потребите на службата.- Добивме правно мислење дека за оваа набавка не мора да распишеме јавен повик бидејќи просторијата треба да одговара на потребите на финансискиот и на правниот сектор.

Не може да се споредат понуди за канцеларии со различна квадратура. Покрај тоа, бевме во цајтнот со време. Контролата на летање се одвојуваше од Агенцијата за цивилно воздухопловство и моравме да се селиме. Во нашата зграда на скопскиот аеродромот „Александар Велики“ нема ниту една слободна просторија за да се смести службата – вели Поповски.Вработените во Контролата на летање се незадоволни од ова, како што велат, расипништво на раководството во услови кога акционерското друштво во државна сопственост поради штедење за 50 отсто ги скрати платите.-

Несфатливо е да се одбие деловен простор што е поевтин и е на подобра локација во градот. Неодамна беше провалена канцеларијата и беше украден сефот во кој имаше важни документи и пари. Во зградата нема чуварска служба, ниту камери. Само од аспект на безбедноста, многу е подобро решението да сме сместени во зградата на ССМ. Па таму се просториите на Уставниот суд и на Јавното обвинителство – велат вработени во М-НАВ.Според нивните сознанија, ССМ во својата зграда им понудил деловен простор од 250 квадратни метри, во чија квадратура влегуваат 12 канцеларии, една чајна кујна и два тоалета. Во цената за изнајмување биле вклучени закупнината и тековното одржување, односно М-НАВ не морало дополнително да плаќа за струја, парно, вода, комуналии, одржување на хигиената, лифтовите, хидро-пумпи и целата инсталациска мрежа.

Поволност било и тоа што закупнината можела да се плаќа месец за месец. Во зградата на ССМ има служба за обезбедување на објектот која работи 24 часа, како и хаусмајстори. Обезбедувањето на објектот дополнително е осигурено со инсталиран видеонадзор.