Вечер, 17.04.2010

 

Поради затворањето на воздушниот простор во речиси сите централно-европски и северно-европски држави, илјадници патници се заглавени на аеродромите и веројатно таму ќе останат и за време на викендов. Многу од патниците немаат пари, па се јавуваат дома да им пратат за да можат да си купат храна или пак карта за да се вратат дома со железница

Хаосот на европското небо што го предизвика облакот од вукланска пепел од Исланд продолжува веќе трет ден. Поради тоа авиосообраќајот е во прекин на сите шест континенти бидејќи сите авиокомпании ги откажуваат летовите до европските дестинации.

Што се однесува до европските аеродроми, според европските воздухопловни власти – Еуроконтрол, вчера беа откажани 60 отсто од сите летови во Европа, односно околу 17.000. Претпладнето од планираните 300 прекуокеански летови, реализирани биле одвај третина. Поради затворањето на воздушниот простор во речиси сите централно-европски и северно-европски држави, илјадници патници се заглавени на аеродромите и веројатно таму ќе останат и за време на викендов.

Многу од патниците немаат пари, па се јавуваат дома да им пратат за да можат да си купат храна или пак карта за да се вратат дома со железница. Вулканот на Еја-фјала-јокул кој еруптираше завчера на Исланд брзо се прошири во Шкотска, Велика Британија, Ирска, Норвешка, Данска, Шведска, Финска, Белгија, Холандија, Германија, Франција и стигна до Полска поради што првично 24 часа беа затворени аеродромите во овие држави.

Облакот од пепел од исландскиот вулкан вчера стигна и до Австрија, Чешка и Хрватска. Воздухопловните власти на Австрија донесоа привремена мерка да се затворат аеродромите во Виена, Салцбург и Линц. Со оглед на тоа дека виенскиот аеродром е најчесто користен за трансфер на патници до други дестинации, неговото затворање ќе има далекусежни последици по авиосообраќајот. Имено, дневно околу 4.000 авиони го прелетуваат воздушниот простор на Австрија, а само од виенскиот аеродром за 24 часа полетуваат околу илјада авиони од кои вчера беа откажани повеќе од 100.

Поради пепел во воздухот вчера беа откажани и летовите од Хрватска кон Западна и Северна Европа. Откажување на летови вчера имаше и од скопскиот аеродром “Александар Велики”. Не се реализираа полетувањата и слетувањата за Прага, Будимпешта и за Брисел. Поради облаците од вулканска пепел вчера од 10 часот по локално време е затворен и целиот воздушен простор над Полска. Претставник на претседателската администрација вчераутро соопшти се одложува и погребот на полскиот претседател, Лех Качински.

Инаку, стотици илјади патници се директно погодени од откажувањето на летовите низ цела Европа. Поради проблемите што ги создаде вулканската активност, австралиските авиокомпании Кантас ги откажаа летовите до големите меѓународни аеродроми во Лондон и Франкфурт. Летовите до Европа ги откажаа и двете јапонски авиокомпании Ксал и Ол Нипон ервејз. Облакот вулканска пепел вчера стигна и во северозападниот дел на Русија во Мурманската област и како што соопшти руската метеоролошка служба која ја следи ситуацијата, оттаму сметаат дека засега не е во корист авионските компании кои имаат летови за Москва и Санкт Петербург да ги откажат летовите.

Доцнат и испораките на лековиИсландскиот вулкански пепел кој го блокира европскиот авиосообраќај поттикна да се зголеми железничкиот сообраќај. Европските агенции јавуваат дека луѓето се повеќе прават резервации да патуваат со возови, па така помеѓу Велика Британија и континентална Европа се направени илјадници екстра резервации.

Од новонастанатата ситуација раце тријат и ферибодските компании од каде информираат дека луѓето ги користат нивните фериботи за да одат на работа или од патување да се вратат дома. Компаниите за брза пошта Федекс, ТХТ и ДХЛ информираат дека поради неможноста да ги доставуваат пратките по воздушен пат, нивните испораки ќе доцнат и по 24 часа. За ненавремена испорака на лекови предупредуваат и од фармацевтските компании кои пратките најчесто ги дистрибуираат по воздушен пат. Осигурителните компании пак, ги известуваат своите корисници пред да тргнат на пат да си го проверат своето патничко осигурување бидејќи сметаат дека ќе имаат потреба да бидат лекувани од последиците што ќе настанат поради вдишување на вулканска пепел ако патуваат во државите каде облакот од пепел ќе помине.

Од исландскиот вулкан вчера беа погодени и акциите на повеќето големи европски авиокомпании. На лондонската берза акциите на авиокомпаниијата Бритиш ервејз вчера паднаа за 1,1 проценти, на германскиот авиопревозник Луфтханза акциите отидоа надоле за 1,2 проценти, а на Ер Франс – КЛМ акциите паднаа за 1,7 проценти. Вулканска пепел во моторите пред 30 години ќе соборела авион на Бритиш ервејзЗатворањето на авиосообраќајот над европското небо е поради страв дека вулканската пепел, освен намалена видливост, ќе предизвика блокирање на моторите на воздухопловите бидејќи честичките лава – вшмукани во авиомоторите брзо се топат и се ладат и ги блокираат пропелерите на моторите.

Во една таква ситуација вечерта на 24 јуни во 1982 година се најде боингот 747 на британската авиокомпанија Бритиш ервејз кој од Куала Лумпур во Малезија летал кон Лондон. Капетанот на воздухопловот, Ерик Муди посакувајќи им спокоен лет на патниците, по неколкучасовен лет пријавил проблеми на авионот кој што се наоѓал на 37.000 стапки. Раскажувајќи ја тогашната ситуација на Би-Би-Си, Муди изјавил дека од својата пилотска кабина на “џамбо џетот” забележал дека има статички електрицитет и дека четирите мотори на авионот престанале со работа. Со мирен тон тој ги известил патниците дека моторите на боингот се вон функција, но дека ќе се обиде повторно да ги стартува. По неколку минутно понирање на авионот, капетанот Муди успеал повторно моторите да ги стави во погон со што била избегната катастрофа на воздухопловот во кој имало 247 патници. По безбедното спуштање на авионот на земја, била откриена причината за откажувањаето на моторите, а тоа било вулканската пепел.