Вечер, 22.04.2010

 

Европските влади да им ги компензираат загубите на авиокомпаниите поради приземјувањето на авионите поради вулканот на Исланд, како што направи Вашингтон по терористичките напади од 11 септември 2001 година, побара вчера генералниот директор на Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) Џовани Бизињани. Тој соопшти дека 29 проценти од светската цивилна авијација и 1,2 милион патници на ден биле зафатени од затворањето на воздушните простори, за што владите дале согласност.

Раководствата на воздушните превозници критикуваа дека одлуката за затворање на европското небо била донесена врз основа на некоректни податоци или непотврдени стравувања. Воздушниот сообраќај во Европа вчера речиси целосно беше воспоставен, соопшти Европската агенција за контрола на воздушниот простор – Евроконтрол, по блокадата што настана од облаците пепел од еруптираниот вулкан. Целиот воздушен простор над Европа вчера беше отворен на височина над 6.000 метри. Под оваа височина останаа затворени само некои зони над Финска и северна Шкотска.

Превозниците се уште се обидуваат да превезат уште стотици илјади патници, кои останаа по аеродромите во изминатата недела. Хаосот во воздушниот простор на европските земји, предизвикан од ерупцијата на вулканот во Исланд, даде “нов импулс” за создавањето единствена управа на воздушниот простор на Европската унија, изјави портпаролката на еврокомесарот за транспорт, Хелен Карнс.Пред шест години Европската комисија усвои пакет-предлози за интегрирање на воздушните простори на земјите од ЕУ од 2012 година. Повеќе влади досега активно се спротивставуваа на овој план, оценувајќи го како ризик за националната безбедност. Во исто време, синдикатите стравуваат дека ќе следат намалувања на авиопревозниците.