МИА, 13.05.2010

 

Европската агенција за безбедност во воздухоплството (Евроконтрол) предложи нов пакет од процедури, кои значително ќе го ограничат затворањето на воздушниот простор заради вулканската пепел исфрлена во атмосферата, пренесоа агенциите.

Според Даниел Холтген, портпарол на Евроконтрол, новите предлози ја следат праксата, разработени во САД, за определување на 190-километарски тампон зони забранети за летови за сите воздухоплавни средства околу секој видлив столб од вулканска пепел. Предлогот, што се уште не е одобрен, ќе претставува значителна промена во однос на досегашната пракса во Европа.

Во април голем дел од европскиот воздушен простор беше затворен, откако вулканската пепел, што се појави со исфрлањето на исландскиот вулкан Ејафјатлајокул, формира облак над северните и западни делови на континентот. Повеќе експерти ја критикуваа реакцијата на ЕУ, оценувајќи ја за пресилна.

Мерките доведоа до откажувања на 100.000 летови, стотици илјади патници „заседнаа“ на различни аеродроми, а директните загуби за авиокомпаниите се оценуваат на над една милијарада евра (1,3 милијарда долари), потсетуваат агенциите.