МИА, 13.05.2010

 

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 104. седница со 43 гласа „за“ и 5 „против“ го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство.

Законските измени, според Министерството за транспорт, овозможуваат целосна политичка, функционална и финансиска независност на Агенцијата за цивилно воздухопловство, а на превозниците од земјите членки на ЕУ им се овозможува слободен пристап до рутите во рамки на Европската заедничка воздухопловна област.

Измените предвидуваат и Владата да субвенционира авиолинии кои се од јавен интерес. Со законот е регилирано и дека претседателот и членовите на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе ги именува Собранието. Нивниот мандат ќе биде четири години, со можност за уште еден.

Се дефинира и изворот на приходи за финансирање на Агенцијата, како самофинансирачка институција. Тоа ќе биде надоместот од патничка карта кој ќе се наплатува од операторот на аеродром преку аеродромската такса, а за периодот во кој операторот на аеродромот е концесионер, надоместот се наплатува како дел од концесискиот надомест.

Законските измени предвидуваат Владата да формира Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како независно истражно тело, со тројца истражители кои ќе ги именува таа. Комитетот, според законските одредби, ќе биде организациски, функционално и финансиски независен од Министерството за транспорт и врски,Агенцијата и од субјектите на воздухопловната индустрија чии интереси можат да бидат во конфликт со неговите задачи и овластувања.

Претходно во расравата по предлог-текстот Емилијан Станковиќ од СДСМ рече дека нема да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за воздухополовство, бидејќи со нив ќе се овозможи дополнителна партизација на воздухопловството. – Со измените не се знае врз основа на кои стандарди ќе се издаваат уверенијата за воздухопловите.

Покрај тоа, со измените 50 милиони евра ќе им ги простите на ТАВ, обвини Станковиќ. Тој го праша министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески дали инвестицијата на ТАВ во Македонија вреди повеќе од 30 милиони евра. Во реплика министерот Јанакиески одговори дека со анексот на договорот на ТАВ воопшто не се намалени инвестициите и обврските меѓу кои и да инвестира во штипскиот карго аеродром каде првично треба да се направат дополнителни мерења на ружата на ветровите поради што е пролонгирана изградбата.

Томе Чинговски од СДСМ праша зошто во измените на законот е предвидено во Управниот одбор на АЦВ единствен критериум да е високото образование, но не и работното искуство, како и зошто јавно не е објавен Договорот со ТАВ за аеродромите.

ТАВ досега нема ни една инвестиција освен она што значи ребрендирање на аеродромите. ТАВ треба да инвестира 230 милиони евра во Македонија, а јас ве уверувам дека нема да инвестира ни 30 милиони евра, рече Чинговски.

На тоа министерот Јанакиески го покани в понеделник да дојде во неговиот Кабинет и да го види проектот за скопскиот аеродром, чија реализација, како што кажа, ќе чини многу повеќе од 30 милиони евра. Катерина Димеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ќе го поддржи измените на законот заради неговиот подобрен текст.