Дневник, 05.05.2010

 

Според планот на чешката влада за санација на националната авиокомпанија ЧСА, предвидено е намалување на компанијата, кое ќе опфати рестрикција на бројот на авионите за една третина, како и значително намалување на вработените дури до една десетина од вкупниот број, информира чешкиот министер за финансии Едуард Јанота.

Овој план, како што јави дописникот на МИА од Прага, се однесува на периодот од наредните три години. ЧСА има над 3.500 вработени и располага со педесетина авиони.

Поради најавеното намалување на нејзината авиофлота ќе дојде и до значително менување на редот на летање што веќе се одразува на зимскиот ред на летање за 2010/2011 година, изјави портпаролката на чешката авиокомпанија Хана Хејскова.

Според претседателот на компанијата Мирослав Дворжак, централна точка на стратегијата за реконструирање е да се создаде нова концепција на транспортната авиомрежа што ќе доведе до намалување на дестинации и до 30 проценти од вкупниот број, главно нерентабилните.ЧСА планира да ги продаде сите авиони од типот „боинг“, а ќе ги задржи авионите од типот „ербас“.

Минатата година чешката национална авиокомпанија оствари оперативна загуба од речиси 4 милијарди круни (160 милиони евра). А последниве години со продажба на дел од имотот оствари 1,2 милијарда евра. Планот на Владата за реконструкција на ЧСА опфаќа продолжување на продажбата на имотот што го поседува националната авиокомпанија