МИА, 18.05.2010

 

Тројца британски државјани и еден Американец се меѓу патниците на патничкиот авион кој денеска се урна во северен Авганистан. Портпаролот на британската Амбасада во Кабул Мелани Скарлет не даде информации за кого работеле Британците, ниту други детали за нив.

Американскиот Стејт департмент потврди дека еден од патниците е американски државјанин. Вкупно шест странски државјани патувале со авионот „Ан-24“ на авганистанската компанија „Памир ервејз“, кој се урна на околу сто километри од Кабул, летајќи на релација Кундуз – Кабул.

Со авионот патувале вкупно 43 лица – 38 патници и пет членови на екипажот, потврди авганистанското Министерство за внатрешни работи, не давајќи информации за преживеани во несреќата. Авионот „Ан-24“ од руско производство бил купен пред три месеци од Бугарија. Засега нема информации за жртвите, а неповолните метеоролошки услови го отежнуваат локализирањето на авионот.