МИА, 26.05.2010

 

Лондон, 26 мај 2010 (МИА) – Ирачката државна авионска компанија „Ирак Ервејз“ ги прекина летовите кон Лондон, само еден месец по обновата на воздушниот сообраќај меѓу Ирак и Велика Британија, што беше во прекин 20 години, јави дописникот на МИА од Лондон.

Ваквото решение е донесено по обидот на властите во Кувајт во британскиот главен град да заробат авионите на ирачката компанија и да го блокираат нејзиниот имот на британска територија, како надокнада за неплатениот долг и реперациите направени од претходниот режим на Садам Хусеин. Врз основа на налогот на кувајтските власти, судот во Лондон му го одзеде пасошот на генералниот директор на ирачката авионска компанија, за време на неговиот последен престој во Велика Британија, но подоцна му дозволи да се врат во Ирак.

Властите во Кувајт бараат од Багдад исплата од 1,2 милијарди долари, за украдените кувајтски авиони и резервните делови за нив, што е извршено при инвазијата на оваа земја од страна на ирачката армија во 1990 година, а не беа вратени по поразот во првата војна во Заливот и по повлекувањето на ирачката окупациона војска во 1991 година. Економски експерти сметаат дека најдобар начин за излез од сегашната ситуација е „Ирак Ервејз“ да прогласи банкротство, или да се формира нова авионска компанија спрема која кувајтските власти ќе немаат никакви стари побарувања.

Багдад ги прекина летовите кон Шведска и Германија, на кои сообраќаше од минатиот месец, стравувајќи од можната конфискација на имотот, но продолжи нормално да лета кон земјите во реонот на Блискиот Исток и кон Техеран.ти/13:57