МИА, 08.06.2010

 

Париз, 8 јуни 2010 (МИА) – Авиокомпанијата Емирати, со седиште во Дубаи, соопшти дека нарача 32 авиони од типот Ербас А380 – најголемиот патнички авион во светот изработуван од европската авионска индустрија ЕАДС.

Цената на нарачката достигнува 11 милијарди долари, јавува дописникот на МИА од Париз. Соопштувањето на нарачката на 32 Ербаси А380 се случи на првиот ден од авиосалонот во Берлин. Според поединичната цена на А380 од 346,5 милиони долари , целата нарачка од Емиратите изнесува 11,09 милијарди долари.

Емиратите се една од најголемите светски компании и еден од главните мотори на економијата на Дубај, по кризата со недвижност кон крајот на минатата година во емиратите. Компанијата е основана во 1985 година со само два авиони и денес е во директна конкуренција со Квантас и Сингапур ерлајнс на линиите Европа-Југоисточна Азија.

Најновата нарачка на А380 се одрази позитвно за акциите на компанијата ЕАДС кои забележаа пораст за 1,05 отсто. Авиосалонот во Берлин, ЕАДС сака да го искористи и за промоција на својот воен транспортен авион А400М, кој забележа доцнење од четири години. Доцнењето ја чинеше скапо европската авионска и одбранбена индустрија, загубите се бројат во милјарди во една програма која е проценета на 31,2 милијарди евра.

Тестовите на двата први примероци на А400М се одвиваат добро, соопшти ЕАДС и најави дека нови пробни авиони ќе бидат пуштени во служба во текот на годинава. тг/ссм/14:39