МИА , 01.07.2010

 

Вашингтон, 30 јуни 2010 (МИА) – „Terafugia Transition“, летало, кое брзо може да се трансформира во автомобил, доби дозвола за масовно производство од страна на Американската сојузна управа за цивилно воздухопловство (ФАА). Возилото е дизајнирано како „лесно спортско летало“, најмал вид на цивилен авион според класификацијата на ФАА.

Иако поради дополнителните воздушни перничиња и другите безбедносни делови, кои се потребни за теренските возила, тежината на леталото за 54 килограми ја надминува дозволената граница од 600 килограми, ФАА го одобри неговото производство како исклучок. Terrafugia Transition е двосед, кој со собрани крила може да се вози по пат и притоа да потроши четири литри гориво на 50 километри.

Кога ќе се најде на писта возилото со леснотија може да ги рашири крилата, да го придвижи пропелерот, кој се наоѓа на задната страна и да полета. Се очекува малопродажната цена на овие возила да изнесува 194 илјади долари. ац/16:05