МИА, 06.07.2010

 

Техеран, 6 јули 2010 (МИА) – Не е точна информацијата дека некои европски држави и Обединетите Арапски Емирати не ги полнат со гориво иранските авиони поради санкциите, изјави денеска портпаролот на Министерство за надворешни работи на Иран.

Иранските медиуми вчера објавија дека од минатата седмица аеродромите во Велика Британија, Германија и Обединетите Арапски Емирати одбиваат да полнат гориво на иранските патнички авиони. Медиумите се повикаа на секретарот на Сојузот на иранските авиокомпании Мехди Алијари, според кого, тоа се должи на „едностраните санкции од страна на САД“. Лондон, Берлин и Дубаи вчера ги негираа тие тврдења.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Рамин Мехманпараст денеска изјави дека информацијата за одбивањето за полнење на иранските авиони е дел од психолошката војна, која се води против иранскиот народ. Американскиот претседател Барак Обама во четвртокот потпиша закон за спроведување на санкции против Иран, чија цел е да се ограничи внесувањето на гориво во исламската република и да се засили меѓународната изолација на земјата поради, како што тврди Западот, нејзините обиди да развие нуклеарно оружје. аа/сп/9:03