МИА, 28.07.2010

 

Исламабад, 28 јули 2010 (МИА) – Во остатоците од трупот на пакистанскиот патнички авион, што утринава се урна со 152 патника и членови на екипажот во него, досега се најдени повеќе од 90 тела, соопшти полицијата.

Пакистанскиот министер за внатрешни работи Рехман Малик претходно изјави дека до сега најмалку петмина преживеани се однесени во болница, но локални функционер подоцна соопштија дека овие информации не се точни. -Шансите да има преживеани се многу мали.

Досега ги собравме останките на повеќе од 90 тела, изјави за агенциите полицискиот функционер Бин Јамен. Авионот, со 146 патници и шестмина членови на екипажот, во 4,43 часот го загуби контактот со контролорите на летање на Меѓународниот аеродром во Исламабад, додека летал од Карачи за пакистанскиот главен град.

Кога се обидел да слета, под лоши временски услови, авионот „Ербас А321“, на приватната авиокомпанија „Ер блу“, удрил во ридот Маргала, на околу 300 метри од подбножјето. Над местото на несреќата се уште се гледа густ облак од чад од огнот што ја зафати шумата, јавуваат агенциите. Еден очевидец изјави дека во моментот на несреќата врнел дожд и дека авионот ниско летал.

Портпаролот на компанијата „Ер блу“ Рахел Ахмед изјави дека е ова прва несреќа во оваа компанија, но дека е прерано да се зборува за причината на падот на авионот. сд/13:19