МИА, 10.07.2010

 

Москва, 9 јули 2010 (МИА) – Пијан претседател, вештачки предизвикана магла или далечинско управување на авионот се најновите верзии за падот на претседателскиот авион во близина на градот Смоленск на 10 април, при што загина шефот на полската држава Лех Качински, објавија денеска руската интернет страница „РАмблер“ и британскиот весник „Дејли телеграф“.

Полскиот пратеник од партијата Граѓанска платформа, Јануш Паликот истакна дека е можно Лех Качински да бил пијан за време на летот и неговото однесување да влијаело на несреќата. „Дејли телеграф“ пишува дека полските власти кои ја истражуваат авионската несреќа побарале помош од американските експерти во утврдувањето дали може да се предизвика вештачка магла која би била причина за несреќата.

Полските експерти побарале помош од американските колеги да се утврди дали може да се влијае врз авионот со далечински управувач. Опозициската партија Право и правда, чиј лидер е Јарослав Качински, брат на загинатиот поранешен полски претседател, истакна дека формирал комисија која паралелно ќе ја испитува авионската несреќа. ми/15:59