МИА, 06.08.2010

 

Скопје, 6 август 2010 (МИА) – Домашниот редовен авиопревозник Ерлифт сервис денеска официјално го промовираше вториот авион во флотата од типот Боинг 737-300 кој ќе биде брендиран во текот на неделава и на кого освен името на компанијата ќе биде ставено и логото на ФК Работнички, чиј официјален спонзор е Скајвингс.

Новиот авион покрај на постојните од септември ќе лета и на две нови дестинации, Штутгард и Копенхаген, а планирано е летот за Дизелдорф наместо досегашните два пати неделно да се зголеми на три. Ерлифт сервис покрај за Дизелдорф има редовни линии и за Истанбул, Брисел, Рим, Цирих, Виена и Хамбург.

– Во моментов покриваме 30 до 40 отсто од авиопазарот во Македонија што значи дека за една година постоење постигнавме многу. Веќе имаме два авиона во флотата, а до 15 декември годинава планираме да набавиме уште еден авион од типот Боинг, но од поновата генерација 737-700, рече Ајан Џафероски на денешната прес-конференција. Прашан дали по добивањето дозвола од АЦВП за редовоен авиопревозник добиле повратни одговори и од останатите земји каде летаат, Џафероски рече дека таков договор е добиен од сите шест земји во кои лета авиокомпанијата. – Сите шест земји не прифатија како редовен авиопревозник и со „0“ забелешки ги поминавме сите инспекции, нагласи Џафероски. Тој посочи дека компанијата има одлична соработка со ТАВ, новиот концесионер со македонските аеродроми.

Скајвингс денеска официјално го промовираше Скај магазинот, нивниот официјален inflight магазин, првиот авионски магазин досега во Македонија, кој секој патник ќе може да го земе со себе. Редовниот авиопревозник во моментов има два авиона од типот Боинг 737-300 од кои едниот со 148, а другиот со 144 седишта.вј/скс/13:06