Дневник, 13.08.2010

 

БРАЗИЛИЈА – Бразилската влада им нареди на воздушните сили официјално да го регистрираат секое забележување на неидентификувани летачки објекти (НЛО).

Во одлуката на владата се наведува дека сите воени и цивилни пилоти, како и контролори на воздушниот сообраќај треба да го пријават секое забележување на НЛО кај Националната команда за воздушна одбрана. Информациите ќе се чуваат во националните архиви во Рио де Женеиро. Тие ќе бидат достапни за истражувачите, вклучувајќи ги и оние што бараат докази за вонземјен живот. Сите невообичаени нешта што ќе бидат забележани, фотографирани или снимени во воздушниот простор на Бразил ќе треба да се пријавуваат и регистрираат во каталог.

Меѓутоа, воздушните сили соопштија дека ќе се ограничат на собирање информации и дека нема да ловат НЛО. „Командата на воздушните сили нема специјализирана структура за да извршува научни експерименти за тие феномени и ќе се ограничи на снимање на настаните“, истакнаа воздушните сили во соопштението.

Последниве децении имаше неколку забележани НЛО во Бразил. Во 1986 година авионите на воздушните сили се обидуваа да испитаат неидентификувани објекти во небото над Сао Паоло, но феноменот не беше целосно објаснет. Во 1977 година, амазонскиот град Вигија побара помош од војската, бидејќи некои жители велеа дека биле нападнати од вонземјани. Анонимен контролор на воздушниот сообраќај изјави за бразилскиот весник „О’ Дија“ дека забележувањата на НЛО се пријавувале на највисоко ниво.

„Сум слушнал министри, па дури и еден претседател, дека виделе НЛО“, рече тој. Бразилските набљудувачи на НЛО ја поздравија одлуката таквите информации во иднина јавно да се објавуваат. (Би-Би-Си) #