Авиолетовите стануваат достапни за сите
02.05.2013
Со реконструкцијата на двата македонски аеродроми и со воведувањето нови летови од нискобуџетните компании, по долг период, се размрда авиосообраќајот во Македонија
Интервју со Дејан Мојсовски, директор на
Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ)
Ако се земат предвид бенефициите што државата ги дава во туризмот и на авиокомпаниите, треба да се очекува дека во иднина ќе дојде до забрзано зголемување на бројот на патници што минуваат низ домашните аеродроми. Моменталната состојба со авиопревозот во земјава и очекувањата во наредниот период се само дел од прашањата за кои разговаравме со Дејан Мојсовски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).
Пораст на авиосообраќајот и зголемување на бројот на авиопатници се чини е дамнешна желба во земјава, која, еве, како да се остварува лани и во почетокот од годинава?
– Податоците за воздушниот сообраќај кај нас зборуваат дека во 2012 година имаме повеќе од осум проценти пораст на авиосообраќајот, односно на превозот на патници на двата домашни аеродрома, во Скопје и во Охрид. А последните податоци за 2013 година говорат дека имаме пораст за 7,3 проценти во однос на минатата година, додека за 21,5 процент е зголемен бројот на редовни линии. Ова е особено добар показател за Агенцијата за цивилно воздухопловство, со оглед на заложбите што ги направивме за либерализација на воздушниот сообраќај и за привлекување нови авиокомпании, а особено на нискобуџетните. И она што е значајно за нас, подигање на квалитетот на услугите и намалување на цените по кои македонските патници ги плаќаат билетите од Скопје и од Охрид до сите оние дестинации каде што веќе имаме воведено линии. За нас, исто така, е значајно дека, покрај европските дестинации, еве, првпат почна да се оперира и кон Дубаи, а фреквенцијата со летниот ред на летање се подига од два на четири лета неделно и е добар показател за конекцијата кон Австралија, односно се очекува дека оваа година дијаспората ќе патува и поевтино и побрзо до својата матична држава.
Сепак, не се оствари посакуваната бројка од милион авиопатници. Може ли да се случи тоа годинава?
– Минатата година за малку не ја постигнавме посакуваната бројка од еден милион патници, но годинава со оваа тенденција и со новите компании, кои веќе се јавија на пазарот, како и со намалувањето на цените и зголемениот интерес за воздушниот сообраќај, очекуваме да се случи и тоа. Инаку, секако дека тука дополнително имаат влијание и субвенциите што ги дава Владата, па корисникот „Виз ер“ со својата улога и со своите две нови дестинации, покрај досегашните осум. Значи, со зголемување на бројот на дестинациите и со намалувањето на цените на авиобилетите очекуваме дека бројката од милион патници ќе се надмине, а сигурно дека очекуваме и дека секој македонски граѓанин ќе патува најмалку еднаш годишно со воздухоплов и дека до 2016 година, а можеби и многу поскоро, ќе ја достигнеме и бројката од два милиона патници, што за нас ќе претставува своевиден успех и, секако, успех и задоволство за државата во целост.
Како АЦВ, како воздухопловна власт, е вклучена во владините активности за привлекување нискотарифни компании и за авиоповрзаност на Република Македонија со другите земји и дестинации во светот?
– Секако дека нашата заложба е што повеќе авиокомпании да летаат во Република Македонија. Тоа за нас е значаен предизвик. И, како што знаете, направивме низа мерки во однос на намалување на административните бариери и за либерализација на воздушниот сообраќај, како и отстранување на сите оние пречки што, иако некои земји се членки на ЕУ, сѐ уште постојат. Активно работиме и партиципираме во сите меѓународни организации каде што може да се промовира Република Македонија на ова поле и да се склучат што повеќе меѓународни спогодби, како создавање правна основа за влез на авиокомпаниите кај нас. Остануваме доследни на таа стратегија, а особено сме заинтересиран за влез на нискобуџетните авиокомпании, кои, гледаме, и Владата како стратегиски партнер ги привлекува во рамките на својата економска стратегија. И тука остануваме на иста фреквенција, дека што повеќе авиокомпании треба да оперираат во Република Македонија, со отворање на авиопазарот на сите нивоа.
Многу нашинци во прекуокеанските земји посакуваат директни линии од Македонија со американскиот и австралискиот континент. До каде се активностите на тој план?
– Една од главните стратегии што АЦВ ги утврди уште од самиот почеток е можноста за воспоставување прекуокеански авиолинии. Како што знаете, потпишавме спогодби со САД, со Австралија, со Сингапур, односно со сите оние земји што даваат можност за отворено небо. А работиме и на потпишување спогодба со Канада и она што е како концепт што сакаме да го реализираме и на што работиме е овие земји да се поврзат директно со Република Македонија. Притоа, во оптек се неколку комбинации, како што е на пример линија Канада – САД – Македонија и обратно, или со некаква конекција, со оглед дека капацитетот и потенцијалот на пазарот за една линија, која би била цела година со ист интензитет – не постои. Меѓутоа, се работи барем да бидат покриени оние пикови, дали да биде тоа летниот, или зимскиот период, кога има потреба нашата дијаспора да дојде во татковината. Анализи се прават, се работи со воздухопловните власти на овие држави, се работи на промоција на Република Македонија пред авиокомпаниите, тие да се уверат во новите инфраструктурни промени кај нас, во новиот скопски аеродром што го изгради ТАВ, за да се овозможат техничките и операционални услови за вакво оперирање, кое, морам да кажам, е доста сложено и за кое треба целосна посветеност како од аспект на безбедноста, така и од аспект на економскиот дел на воздушниот транспорт.
Секако, значаен чинител во таа насока е и М-НАВ, македонската контрола на летање, со која АЦВ порано беше единствена целина. Како функционирате сега, кога сте одвоени?
– Во поглед на македонската контрола на летање, како давател на услуги на воздухопловна навигација, по поделбата во јули во 2009 година, настанаа двете тела, односно од тогашната Агенција за цивилна воздушна пловидба се издвои М-НАВ. Еден од главните проблеми и притисок што го чувствува денес македонската навигација е затвореноста на косовскиот воздушен простор. И тука доаѓа до паѓање на перформансите на овој план заради разграничување на протокот на воздухоплови што во минатото се движеа преку Република Македонија, а сега мора да го заобиколат овој простор, Дополнително се создаваат бафер-зона и тесно грло над територијата на Србија и онаа граница кај Косово и тука главно се лоцираат причините и проблемите од оперативна природа. Што се однесува до начинот на давање услуги на воздухопловна навигација, тука немаме замерка, се почитуваат сите безбедносни критериуми. Ние вршиме редовен надзор, исто така, истакнуваме редовно извештаи до Еуроконтрол и учествуваме во сите тела што се задолжени за безбедноста на воздушната пловидба и понатаму ќе останеме доследни во таа насока. А, во однос на односите и релациите што ги имаме со навигацијата, со која некогаш бевме една целина, тие се солидни. Како што знаете, статутот на М-НАВ предвидува дека Владата е главен носител на одлуки во оваа институција. И секако дека сите оние органи и тела таму, вклучувајќи ги и вработените, треба да ги почитуваат одлуките на Владата и стратегијата во авиосообраќајот, кон која цели Република Македонија, а тоа е намалување на цените, подобрување на квалитетот на услугите и подобрување на имиџот на воздушниот транспорт во Република Македонија.
Архива
- 04.01. Иницијатива Open Balkan Sky
- 24.02. In Memoriam
- 24.02. Последен поздрав
- 18.04. Соопштение за јавноста
- 15.03. СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
- 12.07. Соопштение
- 24.06. Известување
- 24.01. Известување
- 22.06. 22 доктори летаа со балон
- 14.06. Јавен Повик
- 27.11. Известување
- 20.11. Известување
- 30.03. Известување
- 10.12. АЦВ стана членка на ЈARUS
- 13.06. АЦВ нема долг кон УЈП
- 18.04. АЦВ во посета на BHDCA
- 15.02. Дубаи се поврзува со Скопје
- 09.01. Eurocontrol SLO
- 16.11. Промотивен лет Дубаи
- 12.07. Внимание
- 09.11. Честит Kурбан Бајрам
- 28.10. Благодарница
- 17.08. Повик за волонтирање
- 11.07. Повик за волонтирање
- 02.03. ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА
- 26.08. Евтините авиобилети утопија
- 13.08. Бразилците ќе ловат НЛО
- 30.07. „Боинг“ оствари помал профит
- 29.07. Воен авион се урна на Аљаска
- 27.07. Грција остана без гориво
- 07.06. Руски авион принудно слета
- 03.06. Во Србија се урна воен авион
- 19.04. Србија ер“ го наследува ЈАТ
- 19.04. Европа останува приземјена
- 16.04. Пепелта ја парализира Европа
- 18.03. Странците не’ прелетуваат
- 18.03. ЧСА ќе отпушти 130 пилоти
- 12.03. Поудобен лет – повеќе пари
- 24.02. Празно европското небо
- 21.02. Снегот го отежна сообраќајот
- 18.02. Луфтханза пред штрајк