13.02.2018

 

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија и Федералната агенција за воздушен транспорт на Руската Федерација во Москва, потпишаа Меморандум за заемно разбирање, во повеќе сфери на  цивилното воздухопловство.

Имено, земјите потписнички на Договорот, во рамките на своите надлежност, се заложија, да вложат напори за проширување на соработката, во делот на обуката на воздухопловниот персонал, превозот на патници и стоки, безбедноста на летовите, воздухопловната безбедност, аеродромското работење, одржувањето на техничката способност на воздухоплови, како и при сервисирање на воздухопловниот сообраќај.

Воздухопловните власти на Македонија и Руската Федерација, се обврзаа, по потреба да организираат работни средби, на кои би се разгледувале практични прашања поврзани со реализирањето на одредбите од овој Меморандум, но и да реализираат размена на искуства и информации за секоја од наведните области.

Во духот на соработката меѓу двете воздухопловни власти, високата делегација од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, го посети и Центарот за воздухопловство во Москва, каде имаше можност да се запознае со функционирањето, капацитетите и можностите со кои располага истиот.