30.09.2019

Максим Кралев од Скопје со ликовната творба MAXOLET, е добитник на првата награда, на ликовниот конкурс на тема Воздухопловни летала на иднината, во првата категорија, во која право на учество, имаа  ученици од 7 до 12 години.

На конкурсот во организација на АЦВ и МОН, во втората категорија, со ликовна творба во 2-Д или 3-Д, на која право на учество имаа ученици од 13 до 15 години, прво наградена ученичка е Данче Манчевска од Струмица.

Ана Илиевска од Скопје со “Аеробус”, е второ, а Филип Илоски од Битола со авторската ликовна творба “Ѕвезден брод” е третонаграден во првата категорија.

Марија Арсовска од Велес е второ наградена, а Павел Милановски од Куманово е трето награден во втората категорија.

За изборот на најдобрите ликовни творби, одлучуваше посебна жири комисија, во чиј состав, партиципираа вработени во Агенцијата за цивилно воздухопловство и преставник од Министерството за образование и наука.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 15 октомври во 12 часот во Домот на културата Кочо Рацин (Дом на Градежници), каде официјално ќе биде отворена и изложба на сите пристигнати ликовни творби на темаВоздухопловни летала на иднината.

Агенцијата за цивилно воздухопловство, ги повикува сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на отворањето на изложбата, но и во третстојните три дена, колку што ќе трае истата, да ги погледнат изложените ликовни трудови, на младите креативци од земјава.

АЦВ ја користи оваа прилика, и да го изрази своето огромно задоволство од покажаниот интерес на учениците од основните училишта во земјава, да земат учество на конкурсот, и со тоа да го дадат својот придонес во изразувањето на личниот талент и визија за перспективите на македонското воздухопловство, гледано низ призмата на воздухопловните летала на иднината.

Повод за распишувањето на ликовниот конкурс од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, во соработка со Министерството за образование е одбележувањето на 75 годишнината од постоењето на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), во чие чествување се вклучи и Агенцијата за цивилно воздухопловство, преку организација на серија од настани и активности.