Осврт, д-р Томислав Тунтев, директор на АЦВ:ВЛИЈАНИЕТО НА КОВИД-19 ВРЗ ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ ВО ЕВРОПА
Влијанието на пандемијата на вирусот Ковид-19 врз глобалниот воздушен транспорт е без преседан во неговата стогодишна историја на развој. Комерцијалниот патнички воздушен сообраќај е најдиректно погоден од глобалната здравствена криза. Аеродромите ширум светот бележат пад од 28,4% во бројот на пристигнати и заминати патници за првиот квартал во 2020 год., што е еквивалентно на намалување од 612 милиони патници во апсолутна вредност. На годишно ниво, во домашниот и во меѓународниот патнички сообраќај на аеродромите се очекува бројот на патниците во 2020 год. да биде помал за 50,4% во однос на 2019 год. Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ICAO проценува дека до крајот на годината, влијанието на Ковид-19 врз планираниот меѓународен воздушен патнички сообраќај може да достигне намалување и до 63% од капацитетот на седиштата во авионите, што би значело 1,5 милијарди патници помалку на глобално ниво. Авиокомпаниите за 2020 год. се соочуваат со потенцијална загуба на вкупните приходи во вредност од околу 314 милијарди американски долари, а аеродромите од околу 100 милијарди.
Во однос на бројот на летовите на авионите на глобално ниво, врз основа на повеќегодишниот тренд на континуиран пораст, за 2020 год. беа прогнозирани 40,3 милиони летови, односно 1,4 милиони летови повеќе од реализираните 38,9 милиони во 2019 год. Но, светската здравствена криза предизвика драстично намалување и на овој број, така што најновите проценки говорат дека вкупниот број на летови во светот оваа година ќе биде околу 23,1 милиони, што значи околу 40% помалку во однос на 2019 год. Практично, тоа значи дека бројот на летовите во 2020 год. ќе падне на нивото од 2003 год. И не само тоа, значајно намалување се очекува и во 2021 год., со реализација на само 30,1 милиони летови, што ќе значи идентична реализација на бојот на летовите на глобално ниво со тој од пред 10 години.
Што се однесува до европското небо, Европската организација за безбедност и поддршка на развојот на воздушниот сообраќај EUROCONTROL проценува дека целосно закрепнување на воздушниот сообраќај може да се очекува дури кон средината на 2022 год. Од средината на март 2020 год. бројот на летовите на европското небо почна секојдневно драматично да опаѓа, така што некои денови тој пад изнесуваше и повеќе од 10% во однос на еквивалентните денови во 2019 год. Од почетокот на април, па во наредните 2 и пол месеци, бројот на летовите се задржа на ниво од само 10% во споредба со истиот период минатата година. Тоа практично значеше целосно замирање на летовите во меѓународниот и домашниот патнички промет и константно одржување на вообичаеното ниво само на карго летовите.
Дури во втората половина на јуни, со повторното отворање на некои од аеродромите, собраќајот почна да расте, така што на почетокот на јули бројот на летовите во Европа од 10% се искачи на околу 40% во однос на истиот период минатата година. Проценките на EUROCONTROL велат дека овој процент до крајот на август би требало да достигне 55%, а во последните три месеци од 2020 год. да изнесува 80% – 85% во однос на ланскиот сообраќај. Ако се спореди остварениот сообраќај, на пример, во среда на 17 јуни 2020 год. со еквивалентниот оперативен ден во 2019 год., ќе се забележи пад на бројот на летовите на Рајанер од 98,3%, на Изиџет од 96,1%, на Бритиш и шпанскиот Ибериа од 94,2%, на Луфтханза од 87,8%, Визер од 81%, итн. Вкупното намалување на бројот на прелети тој ден на европското небо изнесуваше 78%.
Европските воздушни превозници во 2018 год. оствариле вкупен профит од 8 милијарди евра, а во 2019 год. од 5,7 милијарди евра. Во 2020 год., поради влијанието на светската здравствена криза со вирусот Ковид-19, Меѓународната асоцијација на воздушни превозници IATA проценува дека европските авиокомпании ќе забележат вкупна финансиска загуба од 18,8 милијарди евра. Тоа го доведува во прашање опстојувањето на илјадници работни места во европската авиоиндустрија. Конкретно, најголемите европски авиопревозници веќе најавија укинување на голем број работни места, односно отпуштање на илјадници вработени: Визер околу илјада, Рајанер 3 илјади, Изиџет 4,5 илјади, а Луфтханза и Бритиш по 10 илјади луѓе. Голем број од европските превозници, посебно оние помалите, се соочуваат со реална опасност од банкрот.
Што се однесува до аеродромите, на 17 јуни 2020 год., на пример, аеродромот Шарл де Гол во Париз и франкфуртскиот аеродром забележале пад во дневниот број на полетувања и слетувања од 96% во однос на истиот ден минатата година, а ваквото драстично намалување го следеа и Амстердам, Истамбул, Лондонски Хитроу, Атина и Осло со 97%, Минхен, Келн и Лајпциг со 98%. Во периодот од средината на март до средината на јуни 2020 год. на европските аеродроми единствено се реализираа хуманитарни, воени, државни, медицински и технички летови, како и одреден број летови за репатријација на домашни државјани од странски држави. И намалувањето на бројот на полетувањата и слетувањата на скопскиот аеродром во април, мај и јуни изнесуваше просечно околу 98%, а охридскиот аеродром во тој период беше целосно затворен за секаков вид на воздушен сообраќај. Само во месец мај европските аеродроми имаа 213 милиони патници помалку во споредба со мај 2019 год., што значи намалување од 98%. Меѓународниот совет на аеродроми во Европа ACI Europe проценува дека бројот на пристигнати и заминати патници на европските аеродроми во 2020 год. ќе биде помал за 1,2 милијарди патници, што ќе значи намалување на годишните финансиски приходи од 23 милијарди евра.
Како резултат на тромесечната интензивна соработка помеѓу релевантните воздухопловни институции на државите членки на Европската конференција за цивилно воздухопловство ЕСАС, односно на EUROCONTROL и на Европскиот регион од ICAO EUR/NAT, Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќај ЕАЅА, во соработка со Европскиот центар за контрола на заразни болести ECDC, кон крајот на јуни го издаде и публикува Протоколот за управување со здравствената криза од Ковид-19 во воздушниот сообраќај. Овој документ ја отсликува новата реалност и новата нормалност во авиоиндустријата во услови на пандемија со Ковид-19. Овој guidelines всушност претставува универзално упатство за преземање и спроведување на конкретни мерки и активности за заштита на патниците, на членовите на екипажите, на персоналот што работи на аеродромите и кај авиопревозниците, на луѓето што пречекуваат и испраќаат патници на аеродромите, на карго агентите, на службените лица од државните органи и институции, како и на сите други лица кои се ангажирани во одвивањето на воздушниот сообраќај и транспорт. На тој начин се создаде една заедничка оперативна рамка на делување во услови на глобална здравствена криза, во која воздухопловните субјекти во државите на европскиот континент почнаа да ги следат и имплементираат новите универзални меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај. Само со доследна примена на ваквите стандарди и препораки од страна на сите инволвирани субјекти може да се очекува успешно спречување на ширењето на вирусот Ковид-19 во авиоиндустријата и ефикасно справување со последиците од глобалната здравствена криза во областа на воздухопловството.
Архива
- 04.01. Иницијатива Open Balkan Sky
- 24.02. In Memoriam
- 24.02. Последен поздрав
- 18.04. Соопштение за јавноста
- 15.03. СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
- 12.07. Соопштение
- 24.06. Известување
- 24.01. Известување
- 22.06. 22 доктори летаа со балон
- 14.06. Јавен Повик
- 27.11. Известување
- 20.11. Известување
- 30.03. Известување
- 10.12. АЦВ стана членка на ЈARUS
- 13.06. АЦВ нема долг кон УЈП
- 18.04. АЦВ во посета на BHDCA
- 15.02. Дубаи се поврзува со Скопје
- 09.01. Eurocontrol SLO
- 16.11. Промотивен лет Дубаи
- 12.07. Внимание
- 09.11. Честит Kурбан Бајрам
- 28.10. Благодарница
- 17.08. Повик за волонтирање
- 11.07. Повик за волонтирање
- 02.03. ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА
- 26.08. Евтините авиобилети утопија
- 13.08. Бразилците ќе ловат НЛО
- 30.07. „Боинг“ оствари помал профит
- 29.07. Воен авион се урна на Аљаска
- 27.07. Грција остана без гориво
- 07.06. Руски авион принудно слета
- 03.06. Во Србија се урна воен авион
- 19.04. Србија ер“ го наследува ЈАТ
- 19.04. Европа останува приземјена
- 16.04. Пепелта ја парализира Европа
- 18.03. Странците не’ прелетуваат
- 18.03. ЧСА ќе отпушти 130 пилоти
- 12.03. Поудобен лет – повеќе пари
- 24.02. Празно европското небо
- 21.02. Снегот го отежна сообраќајот
- 18.02. Луфтханза пред штрајк