25 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ ЦИВИЛНИ ВОЗДУХОПЛОВНИ ВЛАСТИ
Воздухопловството во Македонија своите почетоци ги бележи во третата декада од XX век. Првите посериозни организирани воздухопловни активности во Македонија биле реализирани во периодот меѓу двете светски војни. Тој период во историјата на светското воздухопловство е наречен „Златна доба на авијацијата“, поради огромниот технички и технолошки напредок што бил постигнат во областа на цивилното воздухопловство и големите подвизи што биле постигнати во сферата на транспортот со воздухопловни превозни средства. Тоа биле времиња на значајни достигнувања во техничките и оперативните перформанси на воздухопловите и нови летачки рекорди од страна на голем број авијатичари и воздухопловни ентузијасти ширум светските меридијани, што во голема мера придонесле за масовно ширење на популарноста на воздухопловството насекаде низ светот. Првите воздухопловни друштва во Македонија биле основани во Скопје и Струмица во 1923 год. До крајот на 1925 год. аероклубови биле формирани и во Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Неготино, Битола, Охрид, Дебар, Гостивар и Тетово. Првиот аеромитинг бил организиран во 1926 год. на Зајчев Рид во Скопје. Во 1930 год. на скопскиот аеродром е воведена првата меѓународна патничка воздушна линија. Во 1938 год. била спроведена првата едриличарска обука, а во 1939 год. и првата обука за пилоти на моторни летала.
По завршувањето на Втората Светска војна во Македонија биле обновени и проширени активностите на неколку едриличарски, моделарски, падобрански и аероклубови за моторно летање. Во 1947 год. бил формиран Воздухопловниот сојуз на Македонија. Новиот редовен домашен сообраќај бил воведен на скопскиот аеродром во 1946 год., а меѓународниот во 1951 год. Во 1953 год. со работа започнал и охридскиот аеродром. Македонскиот воздушен простор се развивал во состав на Сојузната управа за контрола на летањето на тогашната СФРЈ, а скопскиот и охридскиот аеродром во 60-тите години биле инфраструктурно, оперативно и технички осовременети, надградени и унапредени. Во 1990 год. беше основано Јавното претпријатие за аеродромски услуги „Македонија“, во чиј состав влегоа двете македонски воздухопловни пристаништа. Веднаш по осамостојувањето на државата, во 1991 год. беше извршен првиот меѓународен лет со авион на првиот македонски комерцијален воздушен превозник. Во 1992 год. беше извршен и првиот лет на македонското воено воздухопловство. Истата година, во рамките на тогашното Министерство за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, се формира Секторот за цивилна воздушна пловидба. Во 1993 год. Македонија стана полноправна членка на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство – ICAO. Истата година, македонските аеродроми добија редовно членство во Меѓународниот совет на аеродромите во Европа – ACI Europe.
На 7 Декември, Меѓународниот ден на воздухопловството, во 1995 год., во состав на Министерството за сообраќај и врски започна со работа Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба, што претставуваше официјално формирање на првите македонски воздухопловни власти. Дирекцијата беше формирана за извршување на регулаторните функции во воздухопловството, но и на активностите поврзани со давањето на услуги на воздухопловна навигација на македонското небо. Од тој момент, Дирекцијата претставуваше самостоен и независен субјект, задолжен за безбедноста на воздушната пловидба во Република Македонија.
Во 1997 год. Република Македонија стана полноправна членка на Европската конференција за цивилно воздухопловство – ЕСАС, а во 1998 год. и на европската организација за навигација и безбедност во воздушниот сообраќај – EUROCONTROL.
Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба во 2001 год. прерасна во Управа за цивилна воздушна пловидба, во чија структура беа формирани секторите за воздухопловна навигација, за безбедност и за правни, меѓународни, финансиски и технички работи.
Со донесувањето на новиот Закон за воздухопловство во 2006 год., Управата се трансформира и продолжи да работи како Агенција за цивилно воздухопловство – АЦВ. Агенцијата доби статус на самостоен државен орган, надвор од Министерството за транспорт и врски, кој за своето работење беше директно одговорен пред Владата. Во јуни 2009 год. се спроведе целосно одвојување на функциите поврзани со давањето на услуги на воздухопловна навигација од Агенцијата за цивилно воздухопловство, за чие извршување беше формирано Акционерско друштво М-НАВ, во сопственост на државата. Во 2010 год., со измени и дополнувања на Законот за воздухопловство, Агенцијата за цивилно воздухопловство се трансформираше од самостоен орган на управата под ингеренции на Владата во независно регулаторно тело со јавни овластувања, директно одговорно пред Собранието на Република Македонија. Агенцијата во својата работа при донесување на одлуките во рамките на своите овластувања е целосно политички, финансиски и функционално независна од било кој друг државен орган, јавно правно лице или трговско друштво што врши дејност од областа на воздухопловството, и е непристрасна кон нив и нивното функционирање.
Мeѓународната основа за формирање на АЦВ како цивилна воздухопловна власт во Република Северна Македонија е утврдена во меѓународниот документ на ICAO Doc.9734 – Safety Oversight Manual. Основната цел за воспоставување на цивилна воздухопловна власт е спроведување на регулаторните функции врз субјектите во авиоиндустријата, што се определени во осумте есенцијални елементи од кои е составен безбедносниот надзорен систем во една држава, опишани во ICAO Doc.9734.
Визијата на АЦВ е да се овозможи безбеден и ефикасен воздушен транспорт, целосно интегриран во транспортната мрежа на Европа, кој ќе придонесе за одржлив развој на македонскиот транспортен систем. Таквата визија се остварува преку континуирана соработка со здруженијата и сојузите во рамки на воздухопловството, при изработка на програми за развој во различни сфери на воздухопловство, како предуслов за продолжување и развој на воздухопловната традиција во Македонија, користејќи ги можностите за аплицирање со проекти во претпристапните фондови на ЕУ.
Мисијата на АЦВ е регулирање на активностите на воздушниот транспорт во државата и надзор врз работата на сите субјекти во авиоиндустријата, за да се постигне безбедно, сигурно, редовно, ефикасно, економски и еколошки одржливо цивилно воздухопловство. Националниот воздухопловен транспортен систем треба да функционира во согласност со меѓународните стандарди и препораки, односно да биде хармонизиран и интегриран со глобалниот транспортен систем на ЕУ, во интерес на сите учесници и корисници на услуги, а особено за заштита на правата на патниците.
АЦВ преставува еден од главните стожери на современите евроатлански интеграциски процеси, кои ќе значат зголемен број на превезени патници на македонските аеродроми, побројни прелети на воздухоплови во македонскиот воздушен простор, поттикнување на спектарот на можности за патување до поголем број европски и светски дестинации, зајакнување на заштитата на патничките права и подигнато ниво на безбедност во воздушниот сообраќај на македонското небо. И во услови на глобална здравствена криза и пандемија, воздухопловните експерти во АЦВ остануваат посветени и доследни на заедничката визија и мисија за профилирање и имплементација на интегрирано, безбедно, уредно, ефикасно и еколошки одржливо цивилно воздухопловство, достапно под еднакви услови за сите.
Денешниот ден е значаен за историјата на македонското воздухопловство затоа што се навршува четврт век постоење на македонските воздухопловни власти. Денешниот значаен јубилеј го одбележуваме во услови на една нова и несекојдневна нормалност предизвикана од светската пандемија со вирусот Ковид-19, без класични прослави, собирања и манифестации. Сепак, нашите мисли, желби и чувства денес им се посветени на сите воздухопловни работници – професионалци и аматери – ентузијасти и вљубеници во авијацијата, кои биле и кои се’ уште се дел од македонските воздухопловни власти и кои со својот ангажман придонесле и придонесуваат за развојот на единственото македонско надзорно и регулаторно професионално тело во областа на воздухопловството.
Скопје, 07.12.2020 год.
д-р Томислав Тунтев
Директор на АЦВ
Архива
- 04.01. Иницијатива Open Balkan Sky
- 24.02. In Memoriam
- 24.02. Последен поздрав
- 18.04. Соопштение за јавноста
- 15.03. СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
- 12.07. Соопштение
- 24.06. Известување
- 24.01. Известување
- 22.06. 22 доктори летаа со балон
- 14.06. Јавен Повик
- 27.11. Известување
- 20.11. Известување
- 30.03. Известување
- 10.12. АЦВ стана членка на ЈARUS
- 13.06. АЦВ нема долг кон УЈП
- 18.04. АЦВ во посета на BHDCA
- 15.02. Дубаи се поврзува со Скопје
- 09.01. Eurocontrol SLO
- 16.11. Промотивен лет Дубаи
- 12.07. Внимание
- 09.11. Честит Kурбан Бајрам
- 28.10. Благодарница
- 17.08. Повик за волонтирање
- 11.07. Повик за волонтирање
- 02.03. ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА
- 26.08. Евтините авиобилети утопија
- 13.08. Бразилците ќе ловат НЛО
- 30.07. „Боинг“ оствари помал профит
- 29.07. Воен авион се урна на Аљаска
- 27.07. Грција остана без гориво
- 07.06. Руски авион принудно слета
- 03.06. Во Србија се урна воен авион
- 19.04. Србија ер“ го наследува ЈАТ
- 19.04. Европа останува приземјена
- 16.04. Пепелта ја парализира Европа
- 18.03. Странците не’ прелетуваат
- 18.03. ЧСА ќе отпушти 130 пилоти
- 12.03. Поудобен лет – повеќе пари
- 24.02. Празно европското небо
- 21.02. Снегот го отежна сообраќајот
- 18.02. Луфтханза пред штрајк
Архиви
Календар
П | В | С | Ч | П | С | Н |
---|---|---|---|---|---|---|
1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | |
7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 |
14 | 15 | 16 | 17 | 18 | 19 | 20 |
21 | 22 | 23 | 24 | 25 | 26 | 27 |
28 | 29 | 30 | 31 |