Забрана за влез во воздухоплов
Забрана за влез во воздухоплов
Постојат два вида на забрана за влез во воздухоплов:
- Забрана за влез против волјата на патникот и
- Доброволно откажување од влез во воздухоплов.
Забрана за влез против волјата на патникот
Забрана за влез во воздухоплов против волјата на патникот постои кога вашиот авиопревозник одбива да ви дозволи влез во воздухопловот иако не претставувате закана по здравјето, безбедноста или обезбедувањето и сте пристигнале на аеродромот:
- со потврдена резервација;
- со потребната документација за остварување на вашето патување и
- доволно време пред летот за завршување на постапките за пријавување за летот (check – in), безбедносен преглед и качување во воздухопловот.
Во случај кога ви е забранет влез во воздухоплов против волјата на патникот, авиопревозникот е должен да ви го обезбеди следното:
- Пренасочување најблиску до предвиденото време за полетување;
- Пренасочување на подоцнежен датум со ваша согласност или
- Надомест на трошоците на билетот кој не е искористен.
Доколку одберете да бидете пренасочени во време најблиску до предвиденото време за полетување авиопревозникот е должен да ви обезбеди и “Право на згрижување” за времето во кое чекате за вашиот алтернативен лет.
Правото на згрижување се состои од:
- Оброк и пијалоци за освежување (во разумен сооднос со времето на чекање);
- Хотелско сместување (кога преноќувањето станало неопходно);
- Транспорт помеѓу аеродромот и хотелот (кога за тоа има потреба) и
- 2 телефонски повици/факс/е-маил.
Доколку авиопревозникот не ви го обезбеди горенаведеното право на згрижување и принудени сте истото да го остварите во сопствен аранжман, треба да ги зачувате сите сметки бидејки ви следува надомест на разумно направените трошоци.
Дополнително, авиопревозникот ви должи компензација во врска со забраната за влез во воздухоплов против вашата волја. Износот на сумата за компензација варира во зависност од растојанието на патувањето како и временските рамки на пренасочувањето. Износот кој се исплаќа изнесува:
- 250 евра по патник, во случај на краток превоз,
- 400 евра по патник, во случај на превоз со средно времетраење,
- 600 евра по патник, во случај на долг превоз.
Доброволно откажување од влез во воздухоплов
Доколку на вашиот лет се продадени повеќе билети отколку што има седишта во воздухопловот, авиопревозникот треба да повика доброволци кои би се откажале од патувањето во замена за одредени поволности.
Доколку се согласите да се откажете од патувањето, тогаш постои доброволно откажување од влез во воздухоплов и дополнително на поволностите кои ви ги понудил авиопревозникот тој е исто така должен да ви понуди да изберете помеѓу следните опции:
- Пренасочување најблиску до предвиденото време за полетување;
- Пренасочување на подоцнежен датум со ваша согласност или
- Надомест на трошоците на билетот кој не е искористен.
Од вас зависи за кои останати поволности ќе се договорите со авиопревозникот.
Запомнете дека во случај кога авиопревозник ќе повика доброволци, а за тоа ќе се јави недоволен број на патници, тогаш оние патници кои не се јавиле доброволно, а на кои им е забранет влез во воздухопловот спаѓаат во категоријата патници на кои им е забранет влез во воздухопловот против нивна волја.