На 41-то Собрание на ICAO, што се одржа од 27 септември до 7 октомври 2022 год. во седиштето на ICAO во Монтреал, Канада, учество зедоа вкупно 1788 високи претставници од 187 држави и 22 меѓународни организации. Заедно со уште неколку стотини претставници од организаторот, набљудувачи и медиуми, учесниците на овогодинешното триенале на ICAO, прво од избувнувањето на светската пандемиска криза со КОВИД-19, за првпат имаа можност да учествуваат на хибридно собрание, на кое беа донесени исклучително важни одлуки за идниот глобален развој на воздушниот сообраќај и транспорт. Клучен фокус беше ставен на темите на иновациите и отпорноста во авијацијата, поткрепувајќи ја континуираната одржливост на воздухопловниот транспортен сектор.

 

На асамблејата уште еднаш беше потенцирана фундаментална улога што ја одигра ICAO во поддршката на безбеден, сигурен и одржлив развој на меѓународниот воздушен транспорт во услови на глобална светска здравствена криза и незаменливото значење на авијацијата како основен овозможувач на социјалниот, економскиот и културниот развој на земјите преку мобилност и меѓусебно поврзување. Овојпат фокусот беше ставен врз приоритетните активности: брзо и ефикасно закрепнување и обезбедување на одржливост на воздушниот транспорт во постковид услови, доследно почитување и имплементирање на обврските околу редукцијата на емисиите на јагленородниот диоксид во воздушниот соовраќај до нивно целосно запирање до 2050 год., понатамошен забрзан развој и производство на новите одржливи авионски горива од обновливи енергетски извори, ефикасно регулирање на безбедносните стандарди и препораки од областа на оперирањето на беспилотните летала, новите современи технологии во служба на cyber security и континуитет на глобалната политика на ICAO за поддршка на сите држави членки во достигнувањето на универзалните безбедносни стандарди и препораки од областа на воздухопловството.

Повеќе од 2000 претставници од државите потписнички на Чикашката конвенција, меѓу кои и делегација од македонското цивилно воздухопловство, со секојдневно учество во работата на шест тематски и еден извршен комитетет, како и на пленарните седници,  напорно и посветено работеа заедно на оваа 41-та асамблеја, за да ја донесат новата тригодишна програма за работа и буџет за ICAO, како и да изберат претставници од 36 држави-членки кои ќе бидат членови на Советот на ICAO во наредниот триениум, во периодот 2023-2025 год. Во време кога родовата еднаквост во воздухопловството сè уште е актуелна тема и цел што допрва треба да биде постигната, делегатите на 41-то Собрание ја избраа првата жена претседател на асамблејата, директорката на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Јужна Африка, г-ѓата Попи Кхоза.

 

Покрај наведените, актуелна тема на овогодишното собрание беше и потребата од повторно отворање на туристичките пазари и надминување на протекционистичките ограничувања, за да им се овозможи на воздушните превозници побрзо закрепнување од кризата со КОВИД-19. Исто така, стана збор и за дигиталните патни документи, интероперабилната употреба на здравствените сертификати, потенцијалите за постигнување на еколошки и економски одржливо меѓународно цивилно воздухопловство, и други прашања околу идната отпорност на воздухопловниот сектор, како и безбедноста и удобноста на патниците.

 

Собранијата на ICAO се одржуваат еднаш на секои три години, а главните приоритети оваа година во голема мера беа поттикнати од двете неодамнешни министерски конференции организирани од ICAO. Последната беше одржана во јули, за да се постигне консензус околу потребата од нова глобална долгорочна цел за декарбонизација на меѓународниот воздушен транспорт, а на претходната конференција беше постигнат договор за постковид приоритетите за забрзано закрепнување и отпорност на воздухопловниот сектор.