Со одлука на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство од 25.11.2022 година, на функцијата директор на АЦВ, по втор пат, беше именуван проф.д-р Томислав Тунтев.

 

Д-р Тунтев, е роден на 7ми јули 1967 година во Охрид, каде завршил основно и средно образование.

Со високо образование се стекнал на Катедрата за воздушен сообраќај и транспорт, на Сообраќајниот факултет во Белград во 1991 година, каде е прогласен за најдобар студент на генерацијата 1986–1991. Дипломираниот инженер за воздушен сообраќај и транспорт постојано го надградува своето образование, па во 2006 година магистрира, а во 2009 година станува Доктор на науки од областа на техничките науки на Техничкиот факултет во Битола.

 

Во својата професионална кариера, во периодот од 1991-2014 година, извршувал повеќе одговорни и раководни функции на аеродромите во Охрид и Скопје, а од 1996 година бил редовнo ангажиран како стручен соработник, а подоцна и професор на Техничкиот факултет во Битола.

Во периодот од 2014-2019 година,

пред застанувањето на чело на АЦВ, Тунтев беше пратеник во Собранието на Република Македонија. Пратеничкиот мандат го доби на двапати, на парламентарните избори во 2014 и 2016 година.

Во рамките на парламентарната надлежност, Тунтев бил член на повеќе собраниски тела и групи за соработки со голем број меѓународни парламентарни институции.

 

Во своето професионално портфолио, има набележано и членување во Советот на општина Охрид, раководење со Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Општина Охрид, а во еден мандат и членување во управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“.

 

Широкиот дијапазон на ангажмани на Тунтев, е проширен и во делот на писателската и и публицистичката дејност, во чии рамки,  има објавено повеќе научни трудови и стручни дела и книги.

 

Г-дин Тунтев е женет, татко на две деца.