Агенцијата за цивилно воздухопловство, на 07 и 08 ноември годинава, беше домаќин на дводневна конференција на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство – RASARAC.

На Конференцијата која беше поделена во два дела, сконцентрирани на работата на Експертскиот тим и на Управниот одбор на Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство – RASARAC, присуствуваа 40 тина домашни и странски гости.

Зад успешната реализација на Конференцијата застанаа преставници на RASARAC од Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Македонија, Словенија, Словачка и Албанија, како и високи гости од EUROCONTROL за соработка со RASARAC, JAA ТО, претставници од Давателот на услуги во воздухопловната навигација – М-НАВ, Центарот за управување со кризи, ТАВ Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст на РСМ и лица од Воздухопловната федерација на Македонија, одговорни за активностите поврзани со потрага и спасување во цивилното воздухопловство.

 

Темите на дискусија на состанокот на Експертскиот тим на RASARAC беа посветени на унапредување на меѓусебната соработка и поддршка на земјите-членки, подобрување на оперативната меѓугранична и соработка со меѓународни организации ICAO, EUROCONTROL, COSPAS-SARSAT, JAA TO, градење и развој на капацитети за потрагата и спасување на воздухоплови во опасност, имплементација на стандардите, прописите и процедурите на ICAO од областа на потрага и спасување.

На маргините на состанокот беше одобрен и текстот на Меморандумот за разбирање меѓу Регионалниот советодавен комитет за потрага и спасување во цивилното воздухопловство – RASARAC и ЈАА ТО.

Управниот одбор на Комитетот, ги потпиша Договорите за пристапувањето на Албанија кон RASARAC , како и за пристапување на  Бугарија кон Меморандумот парафиран од Еуроконтрол и RASARAC.

За потсетување, RASARAC е основан во 2016 година и во неговата работа учествуваат 10 земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Словачка, Словенија, Хрватска, Чешка и Унгарија).

Формирањето на овој Комитет беше поддржано од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) и од EUROCONTROL.

Агенцијата за цивилно воздухопловство, претседателствувањето со RASARAC го презеде во февруари 2023 година, а за следната, раководењето со Комитетот, го презема Република Бугарија.