Директорот на АЦВ, д-р Томислав Тунтев, заедно со стручниот тим од Секторот за аеродроми и навигација во АЦВ, во Клубот на пратеници во Скопје, организираа состанок со преставниците на македонската воздухопловна индустрија – на Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Давателот на услуги на воздухопловна навигација, „М-НАВ“ АД Скопје, Комитетот за истрага на воздухопловни настани и сериозни инциденти, Воздухопловната федерација, како и со преставници од македонските аероклубови. На средбата беше презентирана драфт верзија на Карта за визуелни правила на летање (VFR) на Македонија.

 

VFR картата е изготвена за прв пат во земјава, и има за цел да им го олесни летањето на корисниците на воздухопловните услуги во рамки на нискиот воздушен простор. Овој проект, кој претставува значително подигнување на безбедноста на воздушниот сообраќај на генералната авијација, беше реализиран, на иницијатива на директорот на АЦВ, д-р Тунтев, од страна на експертите во М-НАВ, а неговата постапна реализација траеше повеќе од 2 години.

 

По одржаната јавна расправа и доставувањето на конкретни забелешки и предлози од учесниците, се очекува прелиминарната верзија на VFR картата да биде официјално објавена до крајот на 2023 година. Во иднина, планирано е да се овозможи и ноќно летање со користење на визуелните правила, а во Зборникот на воздухопловни информации ќе бидат објавени сите релевантни информации во врска со VFR летањето на македонското небо и користењето на спортските аеродроми.