Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, денеска оствари работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност, при МВР, Александар Јанев.

Стојаноски и Јанев ги дефинираа идните чекори на соработка со цел максимално искористување на ресурсите на двете институции во насока на зголемување на безбедноста како во  воздухопловство така и за заштита на безбедноста, имотот и приватноста на граѓаните.

Во таа насока беше договорено комплетирање на процесот за премин на воздухопловите на МВР во цивилен регистар со што би се обезбедил независен надзор над нивната техничка исправност согласно сите меѓународни стандарди кои важат во цивилното воздухопловство.

Исто така беше нотифицирана потребата од зајакнување на безбедносните надзори на воздухопловите без екипаж (дронови), утврдување на стандардизирани процедури за постапување при потребата од интервенција, а се со цел зголемување на личната безбедност на граѓаните, нивниот имот и заштита на приватноста.

По извршената анализа на кадровската екипираност со стручен летечки кадар во АЦВ и МВР, обученоста и нивната старосната граница, двајцата директори ја констатираа итноста од потребата што поскоро да се започне со процес на воспоставување на тренинг центар за обука на воздухопловен кадар во рамките на МВР, првично за потребите на двете институции, со можност за негово идно проширување и за потребите на други државни органи.

Тема на разговор меѓу Стојаноски и Јанев, беше и затворање на одредени прашања кои се провлекуваат повеќе години, а кои би довеле до успешна реализација на проектот “One Stop Security” кој има за цел, да им овозможи на патниците во заминување од двете воздушни пристаништа во земјава, да минуваат само еден безбедносен преглед се до нивната крајна дестинација, со што би се избегнале дополнителни проверки на аеродромите за транзит.